Грчката полиција трага по измамници кои извршиле серија дрски кражби во богатите предградија на Атина, искористувајќи го стравот на граѓаните од пожари, струјни удари и прекини во снабдувањето со електрична енергија. За само 24 часа, три жени останале без готовина и вредни предмети во вредност од над 600.000 евра.
Измамниците се претставувале како службеници на HEDNO, грчкиот оператор за дистрибуција на електрична енергија, тврдејќи дека постои опасност во домовите и дека е итно да се обезбедат готовина и накит. Во други случаи, тие им кажувале на жртвите дека ќе им биде исклучена струјата поради наводен неплатен долг.
Портпаролката на грчката полиција, Константија Димоглиду, за телевизијата ЕРТ изјави дека осомничените ја користат истата измамничка тактика за да ги наведат граѓаните да ги соберат своите вредни предмети и да им ги предадат на непознати лица.
За само еден ден, две жени од престижното атинско предградие Психико станале мета на измамата. Во едниот случај, измамниците изнудиле пари и накит вредни околу 100.000 евра, додека во вториот ја убедиле жртвата да им ги предаде вредностите поради наводен долг за струја.
Третата жртва била 89-годишна жена од предградието Марусија. Откако дознале дека ги чува парите скриени во ѕидот на една соба, измамниците со чекан го скршиле ѕидот и однеле 20.000 евра во готовина.
Грчката полиција информираше дека во текот на изминатата недела се уапсени осум лица осомничени за учество во криминална организација со сличен начин на делување. Групата изнудила повеќе од 800.000 евра во 22 регистрирани случаи на измама.
Полицијата апелира до граѓаните да не предаваат пари или накит на непознати лица и секогаш да го проверуваат идентитетот на наводните теренски работници преку официјалните канали на операторите.












