Организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец што живее во Хрватска. Покрај нашите, ќе настапат и хрватските колеги на Тоше: Антонија Шола, Ивана Ковач – ќерката на Мишо Ковач, но и Петар Драгојевиќ, инаку внук на Оливер Драгојевиќ

Во чест на ангелот Тоше Проески, на 16 октомври, во Сплит, Далмација, ќе се одржи голем концерт на денот кога загина тој во тешка сообраќајна несреќа. Поминаа 19 тажни години од смртта на поп-ѕвездата, а овој концерт во Сплит е насловен „Тоше засекогаш – музика што живее“ (Тоше заувијек, глазба која живи). Заинтересираноста за настанот е огромна, па во правец на Сплит се движат многу автобуси со негови верни обожаватели.

На сцената ќе настапи македонски симфониски оркестар под диригентство на Владимир Димовски, а најавени се и настапи на македонските пејачи: Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски, Александар Тасевски, Сеид Алиовски…

Од самата Хрватска во која испеа Тоше многу песни на хрватски јазик, ќе настапат неговите добри колеги: Антонија Шола, Ивана Ковач – ќерката на Мишо Ковач и Петар Драгојевиќ – внукот на Оливер Драгојевиќ, а свој настап ќе има и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ, кој беше добар другар со Тоше. Ќе настапи и младата пејачка Илма Карахмет од Босна и Херцеговина.

Публиката ќе слушне оркестарски верзии на познатите песни на Проески, а дел од програмата ќе ѝ биде посветен на македонската традиционална музика.
Организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец што живее во Хрватска.
Ивановски вели дека побарал дозвола од семејството на Тоше и првично добил одобрување. Тој додава дека се регулирани авторските права преку хрватското ЗАМП.
Според него, семејството му дозволило да се одржи концертот, а потоа му испратило порака дека не се согласува единствено со датумот на одржувањето. Од семејството Проески велат дека немаат никаква врска со оваа организација на концертот во Сплит и дека тие се подготвуваат за друг таков настан во Македонија, во чест на својот Тоше, и тоа следната година. Тогаш ќе бидат одбележани 20 години од неговата трагична смрт.

(Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ