Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не ја исклучи можноста Србија да биде место за преговори за завршување на војната меѓу Русија и Украина.
„Каква било платформа за преговори за Украина, вклучително и Србија, би можела да биде разгледана доколку е прифатлива за учесниците“, изјави Лавров во Екатеринбург, пренесува „РИА Новости“.
„Сè што е прифатливо за страните во преговорите е возможно“, рече Лавров, одговарајќи на прашањето за можноста Србија да биде платформа за преговори за Украина.
Лавров претходно напомена дека Русија е подготвена и за билатерални и за трилатерални преговори со цел да се реши конфликтот во Украина.
Тој исто така рече дека сите досегашни преговарачки процеси во врска со Украина не биле прекинати на иницијатива на Русија.
„Сите преговарачки процеси што беа покренати, почнувајќи од белоруско-турските разговори во март-април 2022 година, кои завршија во Истанбул со колапс на веќе договорените спогодби, вклучително и билатералните руско-украински разговори во Женева и трилатералните разговори во Абу Даби со американско учество – сите овие преговарачки процеси беа прекинати, но не по наша иницијатива“, рече Лавров.












