недела, јули 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Квадратот сè понедостижен, за сопствен стан во Скопје треба да се работи...

Квадратот сè понедостижен, за сопствен стан во Скопје треба да се работи и до 17 години

Народната банка регистрира годишен раст на цените од 13,3 проценти, додека градежните експерти предупредуваат дека високите цени, ниските плати и скапите кредити ги оттурнуваат младите од сопствен дом. Иако темпото на поскапување забавува, пазарот на недвижности не попушта. За стан во Скопје треба да се работи и до 17 години, а младите сè почесто остануваат под кирија или ја бараат иднината во странство

1

Цените на становите во Скопје пораснаа за 13,3 проценти, а експертите предупредуваат дека високите цени и ниските плати ги оттурнуваат младите од сопствен дом. Цените на становите во Скопје продолжуваат да растат, а сопствениот дом станува сè понедостижна цел за многу граѓани. Според најновите податоци на Народната банка, во вториот квартал од годинава цените на становите се повисоки за 13,3 проценти во однос на тој период лани, додека на квартално ниво е регистриран раст од 5,5 проценти.

Иако годишниот раст е нешто побавен отколку во претходниот квартал, кога изнесуваше 16,6 проценти, трендот на поскапување продолжува. Индексот на Народната банка се базира на огласените продажни цени, кои се сметаат за еден од главните показатели за движењето на пазарот на недвижности. Највисоки цени и натаму се бележат во општините Центар, Карпош и Аеродром.

Но, зад статистиката се крие многу поголем проблем: младите сè потешко може да си дозволат сопствен стан. Според анализите, доколку едно лице ја издвојува целата своја плата за купување стан, без да троши ниту денар за храна, сметки и за други животни потреби, ќе му бидат потребни од 10 до 17 години за да обезбеди сопствен дом, зависно од градот. Во Скопје, периодот е најдолг и достигнува до 17 години.

Познавачите на пазарот посочуваат дека во последните пет години цените на становите во главниот град пораснале за повеќе од 70 проценти, додека растот на платите е значително помал. Тоа создава сè поголем јаз меѓу реалните приходи и цената на станбениот квадрат, поради што многу млади остануваат под кирија, зависат од финансиската помош од родителите или одлучуваат да ја напуштат државата.

– Цените на становите не се реални и има многу злоупотреби од страна на градежните компании. Се нудат исти цени за станови со различен квалитет на градба. Кај нас се случува парадокс: се продаваат станови по 2.500 евра за квадратен метар во згради со повеќе од 70 стана и со само еден лифт. Сепак, сè што се нуди на пазарот моментално се распродава. Додека побарувачката е поголема од понудата, не може да се очекува пад на цените – изјави за ВЕЧЕР Андреа Серафимовски, директорот на „Гранит“ и претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.

Според градежниот експерт Никола Велковски, проблемот одамна не е само во цената на квадратот туку и во ограничените можности младите да обезбедат сопствено живеалиште.

– Државата треба да создаде подобри економски услови за да ги задржи младите. И двајцата да имаат работа, младите брачни двојки тешко може сами да купат стан ако немаат помош од родителите. Дополнителен товар се високите рати и каматите за станбените кредити. Дури и со две плати, тешко е истовремено да се отплаќа кредит, да се покриваат сметките и секојдневните трошоци – вели Велковски.

Тој смета дека решението е во поголемата улога на државата преку изградба на станови со попристапни цени и субвенционирање на младите семејства при купување на првиот дом, преку намалување на учеството, каматните стапки или на месечните рати.

Градежните експерти предупредуваат дека и покрај интензивната изградба, во земјава има околу 100.000 празни стана, додека купувањето втор или трет стан и понатаму останува една од најисплатливите инвестиции за оние што располагаат со капитал. Во исто време, сè повеќе млади се соочуваат со изборот да останат под кирија, да живеат со родителите или да побараат подобра иднина во странство.

Според европските статистики, младите во Македонија значително подоцна се осамостојуваат во споредба со земјите од Европа. Додека во Шведска младите го напуштаат родителскиот дом, во просек, на 19 години, а во Финска и во Данска околу 21 година, во земјите од регионот, како Хрватска, Грција и Бугарија, осамостојувањето најчесто доаѓа по 30. година. Експертите предупредуваат дека високите цени на недвижностите се една од главните причини за овој тренд.

И покрај тоа што Народната банка регистрира забавување на темпото на раст на цените, аналитичарите не очекуваат значително поевтинување на становите во скоро време. Сè додека побарувачката останува поголема од понудата, а недвижностите се сметаат за најсигурна инвестиција, квадратот ќе продолжи да биде недостижен за голем дел од младите семејства.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ