Разговорите меѓу Куба и САД се заглавени, иако островот неодамна усвои неколку реформи кон слободен пазар, изјави денес кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез. Тој истакна дека новите реформи ниту биле споменати ниту дискутирани во претходните разговори меѓу двете земји.
„Неодамна објавените мерки се прашање на целосен и апсолутен суверенитет. Ние ниту слушаме, ниту сме заинтересирани за мислењето на американската влада за нив“, рече Родригез.
Сепак, додаде тој, впечатливо е што тие се „пречекани со нов пакет еднострани принудни мерки… против Куба“.
На почетокот на јуни, САД воведоа нови санкции врз кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел и други функционери, како и врз компании кои се клучни за одржување на економијата на земјата, која, според „АП“, е во состојба на распаѓање.
Некои од санкциите беа објавени откако Кубанската комунистичка партија и Националното собрание на карипската островска земја усвоија 176 економски мерки што претставуваат најголема економска промена од комунистичката револуција во 1959 година, предводена од Фидел Кастро.
Реформите се усогласуваат со некои од барањата на Соединетите Американски Држави, кои вршат притисок врз Куба да го промени својот политички и економски модел.
Реформите вклучуваат повеќе простор за приватни бизниси, слободно вработување работници и дозволување на Кубанците во странство да отвораат банки и да инвестираат во земјата.
Родригез рече дека американските претставници биле „генерално почитувани“ за време на претходните разговори, но дека тие разговори биле придружени со „постојано агресивни изјави против Куба, закани за воена агресија и наметнување дополнителни принудни мерки“.
Стејт департментот на САД не одговори веднаш на барањата за коментар.
Родригез ги даде забелешките на прес-конференција на која беше најавена дебатата на Генералното собрание на Обединетите нации на 7 јули за енергетското ембарго што американскиот претседател Доналд Трамп го воведе врз Куба во јануари, пренесе „Бета“.












