Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје го одобри обвинителниот акт за случајот „Адитив“ кој се однесува на на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.
Од Кривичен денеска соопштија дека по одобрувањето на обвинителниот акт е оформен предмет, кој ќе биде распределен кај судија преку Автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС).
По ова ќе биде одреден и датум за почеток на судскиот процес, за што од Кривичен велат дека дополнително ќе информираат преку нивната веб-страница.
Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи по Обвинителниот акт со КО бр. 108/24, во јавноста познат како „Адитив“, по ценење на наводите во обвинението и приговорите на обвинението донесе решени со кое обвинителниот акт се одобрува во целост. Согласно одобрениот обвинителен акт оформен е кривично – правен предмет со КОК бр. 73/25 кој преку АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а откако ќе биде насрочена главната расправа, терминот ќе биде достапен преку календарот на судење на веб страната на судот“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.
Со обвинителниот акт се опфатени вкупно 31 лице, кои се товарат за повеќе кривични дела.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а обвинението ОЈО ГОКК го поднесе три месеци подоцна, односно на 27 февруари годинава.