Американскиот претседател Доналд Трамп приреди раскошна вечера во чест на кинескиот претседател Шји Џинпинг, кој е во тридневна посета на Вашингтон.
За време на вечерата, Трамп истакна дека иако тој и Шји „разбираат оти претставуваат различни системи“, врските меѓу американскиот и кинескиот народ опстојуваат, а двете земји „никогаш немале подобри односи“. Тој додаде дека САД и Кина можат да продолжат да градат однос што придонесува кон просперитетот и безбедноста на идните генерации. Во својот поздравен говор, Шји напомена дека Трамп ветил оти ќе ја „направи Америка повторно голема“, додека Кина е посветена на „голема национална преродба“. Според него, овие две цели се амбициозни и можат меѓусебно да се зајакнуваат.
Претходно истиот ден, Трамп и Шји разговараа за Тајван, трговијата и вештачката интелигенција.
Меѓу гостите на официјалната вечера беа основачот на „Амазон“, Џеф Безос; извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс-икс“, Илон Маск; извршниот директор на „Гугл“ и „Алфабет“, Сундар Пичаи; извршниот директор на „Опен-АИ“ (OpenAI), Сем Алтман; како и претседателот и извршен директор на „Дел технолоџис“, Мајкл Дел.
За време на вечерата, Трамп му подари на Шји статуа на орел, напоменувајќи дека таа е изработена во соработка со првата дама Меланија Трамп. Кинескиот претседател не му врачи јавно подарок на Трамп за време на вечерата. Менито вклучуваше крем-супа од жолта тиква со шумски печурки, свежи зачински билки, крцкава панцета и масло од млад кромид; морски гргеч во кора од сусам со млад бок-чој и печен модар патлиџан, како и крем од ванила со вишни и ореви, придружен со сладолед со мед од Белата куќа.
Трамп пристигна на вечерата во смокинг, додека првата дама Меланија Трамп носеше комбинација инспирирана од машката свечена облека: бела памучна блуза од „Сен Лоран“, црн свилен појас и црни панталони од „Долче и Габана“ со мотив од божур.
Шји носеше црн костум, додека неговата сопруга, Пенг Лијуан, носеше црвен фустан.
Вечерата се одржа во Источната сала на Белата куќа, со придушено осветлување и декорација во нијанси на црвена и златна боја. Во текот на вечерта, Трамп им го покажа на гостите градилиштето на новата сала за свечености во Белата куќа – која тој ја нарече „Голема сала на Соединетите Држави“ – наведувајќи дека се очекува работите да завршат за околу една година.
За време на посетата на Шји, Трамп се обиде да ја истакне својата блискост со кинескиот лидер, фалејќи го нивниот личен однос, иако истовремено ги нарекуваше водечките демократи „комунисти“ во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот.
Во средата, американскиот претседател лично ги пречека Шји и неговата сопруга по нивното пристигнување во заедничката воена база „Ендрјус“ во близина на Вашингтон – што претставува отстапување од вообичаената практика, бидејќи американските претседатели обично им приредуваат официјален пречек на државните гости во Белата куќа. Овогодишната раскошна вечера означи голема промена во однос на 2015 година, кога Трамп – тогаш претседателски кандидат – ја критикуваше помпата околу подготовките за пречекот на Шји организиран од тогашниот претседател Барак Обама.
„Само однеси ги во ’Мекдоналдс‘ и врати се на преговарачката маса“, рече тогаш Трамп на предизборен митинг во Јужна Каролина. Подоцна, во интервју за „Фокс њуз“, тој забележа дека Шји можеби заслужува „веројатно двоен Биг Мек“.
Шји приреди слична државна вечера за Трамп во мај во Пекинг, во Големата сала на народот. Истакнати личности од технолошкиот сектор беа меѓу гостите и во таа прилика, вклучувајќи ги извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, и Илон Маск.












