На ден 9 мај (петок), традиционално, но и љубилејно, по петти пат, во Општина Крива Паланка ќе се реализира големата еколошка акција насловена „Генералка викенд“.
– Оваа масовна еколошка акција е произлезена од организацијата „Мен енд моунтаин“ и во изминативе четири години, во Општина Крива Паланка, е подржана масовно и мошне успешно од локалната заедница, бизнис-секторот, јавните претпријатија, екоодборите на училиштата и на градинките, граѓанските здруженија, спортските здруженија, заедниците на станари и разни други организации и групи граѓани – велат од Општина Крива Паланка.
Оттаму посочуваат дека градот на Крива Река е еден од најчистите во Македонија благодарение на навиката на граѓаните да го селектираат отпадот.
– Тоа, пак, е заслуга на сè поголемиот број одговорни и совесни граѓани, на млади лица што сакаат да живеат, да работат, да спортуваат и се рекреираат во чиста и убава животна средина и природа. Затоа ве повикуваме сите што сте во можност, и овој пат да се вклучите во оваа благородна и општествено одговорна еколошка акција. Заедно сите да придонесеме, да ја направиме нашата општина уште почиста и поубава. Да одвоиме барем малку време и да излеземе сите заедно во ист ден, во исто време и со иста цел: сите да покажеме со личен пример и општествена одговорност колку ни се важни природната средината и околината во која живееме, колку ни е важна работната средина каде што работиме, да покажеме дека треба да се селектира отпадот и да се остава на определени места предвидени за негово фрлање. Да покажеме висока граѓанска и еколошка свест на нашата општина кога се работи за животната средина и за природата и да се вклучиме во што е можно поголем број во оваа голема еколошка акција – потенцираат од локалната самоуправа.