Крива Паланка утревечер ќе биде центар на музичката забава, а интересот за големиот концерт расте од час во час. На Градскиот стадион се очекува вистинска река од посетители, кои ќе уживаат во хитовите на Жељко Самарџиќ, Лепа Брена и на Слаткар. Трите различни музички имиња ветуваат вечер за сите генерации – од староградски балади и безвремени хитови до модерни ритми што ќе ја дигнат атмосферата. Организаторите најавуваат спектакл што долго ќе се памети, а градот е подготвен за големата музичка ноќ

 

Ако се суди според најавите, Крива Паланка утревечер ќе биде местото каде што ќе се бара место повеќе. Градскиот стадион ќе биде домаќин на голем музички спектакл на кој ќе настапат Жељко Самарџиќ, Лепа Брена и Слаткар – комбинација што ретко се гледа на една сцена.

Концертот е дел од програмата по повод празникот Успение на Пресвета Богородица и денот на заштитникот на градот, свети Јоаким Осоговски, а од Општина Крива Паланка најавуваат вечер за паметење.

Љубителите на баладите први ќе дојдат на своето. Жељко Самарџиќ ќе ги потсети посетителите на хитовите што се пеат со години во еден глас, а по него сцената ќе ја преземе Лепа Брена – име за кое, како што велат многумина, не треба особено претставување. Нејзините песни со децении ги знаат и младите и постарите, па организаторите очекуваат вистинска еуфорија.

За крај на вечерта ќе настапи македонскиот рапер Слаткар, кој со својата енергија и со препознатливите хитови треба да стави „шлаг на тортата“ и да ја дигне атмосферата до максимум.

Од локалната самоуправа велат дека целта е празничните денови да добијат дополнителна вредност и да привлечат гости не само од Крива Паланка туку и од целата држава и од соседството.

– Сакаме Крива Паланка да биде препознаена како град на големи настани и на добра забава. Ги покануваме сите да бидат дел од оваа музичка приказна и заедно да создадеме спомени за кои долго ќе се раскажува – порача градоначалникот Сашко Митовски.

Организаторите очекуваат илјадници посетители. Ако се остварат најавите, вечерва во Крива Паланка ќе се пее, ќе се игра и, како што се вели народски, ќе има за сите генерации по нешто.

ИЗДВОЕНИ