Легендарниот НБА-кошаркар, Крис Бош, повторно ја потресе спортската јавност со искрено признание за здравствените проблеми што го следат и денес, речиси една деценија по принудното пензионирање.

Поранешниот ас на Торонто и на Мајами откри дека во јануари годинава преживеал уште една белодробна емболија, состојба што за малку ќе му го одземела животот.

Во интервју за „Хупсхајп“, тој без задршка зборуваше за драматичниот настан што повторно го потсетил колку е сериозна неговата здравствена состојба.

  • Да, имав епизода во јануари. Практично паднав мртов и се вратив во живот. Не се шегувам. Имав уште една белодробна емболија. Поминав една недела во болница. Земајте ги вашите лекови. Јас ги земам секој ден, се грижам за себе и ја следам мојата состојба. Воопшто немав никакви симптоми. Мора да се справувате со тоа до крајот на животот. Мислев дека е зад мене, но не е – изјави Бош.

Белодробната емболија е опасна состојба што настанува кога згрутчување на крвта ќе блокира артерија во белите дробови. Доколку не се реагира навреме, последиците може да бидат фатални.

За жал, токму оваа болест беше причината што заврши една од најуспешните кариери во НБА многу порано отколку што очекуваа сите.

Сè започна во февруари 2015 година, кога открија лекарите дека згрутчување на крвта од неговата нога стигнало до белите дробови. Итно беше хоспитализиран и предвреме заврши сезоната за него. Иако следната година успеа да се врати на теренот и одигра 53 натпревари, ново згрутчување на крвта во февруари 2016 година повторно го оддалечи од кошарката.

Лекарите на Мајами тогаш му соопштија дека продолжувањето на кариерата би било преголем ризик за неговиот живот. Тој не се помири лесно со таквата одлука и со месеци се обидуваше да добие дозвола повторно да игра.

Сепак, медицинските прегледи не му дозволија враќање на паркетот и клубот во 2017 година официјално се раздели со него. Две години подоцна, Бош и официјално ѝ стави крај на својата блескава кариера. Иако никогаш не доби можност да се прости на теренот онака како што посакуваше, неговото наследство остана огромно.

Со Леброн Џејмс и Двен Вејд ја формираше легендарната „голема тројка“ на Мајами, која освои две шампионски титули во НБА и испиша една од најуспешните ери во историјата на франшизата.

Пред доаѓањето во Мајами, тој беше првата ѕвезда на Торонто репторс, каде што со години беше лидер и еден од најдобрите крилни центри во лигата.

Во текот на 13-годишната НБА-кариера одигра повеќе од 890 натпревари, постигнуваше просечно по 19,2 поени, имаше 8,5 скока и беше избран на Ол-стар натпреварот дури 11 пати.

Како признание за неговиот придонес, Мајами хит го повлече неговиот дрес со бројот „1“, а подоцна беше примен и во Куќата на славните. Иако одамна не игра професионална кошарка, 42-годишниот Бош и понатаму ја води најважната битка – онаа за сопственото здравје.

Неговата последна исповед е големо потсетување дека опасноста од згрутчување на крвта не исчезнува дури и кога изгледа дека е најтешкото зад вас.

Со својата порака, тој ги повика сите луѓе со слични здравствени проблеми редовно да ја земаат терапијата, бидејќи, како што вели, токму дисциплината и навремената медицинска грижа може да направат разлика меѓу животот и смртта.

 

ИЗДВОЕНИ