Очекувано беше првообвинетиот Љупчо Палевски да го обвини својот најблизок соработник и сопартиец од Десна, обвинетиот Велибор Манев, за кого тврди дека е човек од полицијата. Негира дека купил нов алат за копање дупки. Моторолите и ВД 40 му ги препиша на Манев. Очигледно е дека првообвинетиот се обидува да го одолговлекува процесот, па на едно прашање што му го поставува адвокатот одговара на долго. Тој е последен од фазата давање исказ од обвинетите
Велибор Манев имал многу повеќе од кавга поради бекатон плочки, рече во својот исказ првообвинетиот Љупчо Палевски и ја сврте воденицата кон својот компањон од партија.
– Го познававте ли Панче Жежовски? – праша адвокатот Јовица Страшевски. – Не. Не знаев дека постои тој човек. Никогаш не сум имал ни директна ни индиректна комуникација со Жежовски, од списите на истрагата научив многу за човекот – рече Палевски, повикувајќи се на доказ од Обвинителството во кој стоело дека од домот на жртвата биле одземени кривична пријава од Панче против Велибор и две претставки до Советот на јавни обвинители, во кои Жежовски се жалел за непостапувањето на велешката обвинителка Славица Темелковски по пријавата.
– Пенче Жежовски тврди дека Велибор Манев бил под заштита на ЈО Велес. Овие списи покажуваат дека Панче Жежовски 10 години се занимавал со Велибор Манев. Тоа се 10 години нетрпение и омраза меѓу Манев и Жежовски – додека го зборуваше Палевски ова, обвинетиот Манев го стави показалецот на главата во знак дека не знае што зборува.
Долго ќе трае испрашувањето од неговиот бранител, кој вчера не стигна ни до половина од листата со прашања, а обвинетиот Палевски одговара долго. Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, смета дека веќе е донесена пресудата. Ова го поткрепува, меѓу другото, и со фактот што Судот им ги одбил предложените докази со објаснување дека биле изведени од ОЈО.
Иако Палевски цело време во судницата ги оспорува доказите на Обвинителството, давајќи си сам на себе алиби преку наводни средби со други луѓе, пишани пораки од својот ајфон 13 и посета на места како банка, пазар, сепак, досега во судницата, во негова корист сведочеше единствено Зоран Петковски од партијата Десна.
Палевски го негираше сведочењето на Ерол Османи, кој тврдеше пред Судот дека иако требало да дојде на 27, Палчо дошол на 28.11.2023 година, ден по убиството на Вања. Палевски го убедуваше Судот дека го сервисирал котелот на 22, а Османи го обвини за лажно сведочење. За првообвинетиот, уште еден доказ од ОЈО е фалсификат. Според Палевски, тоа се снимките од видеонадзорот на куќата на обвинетиот Велибор.
– Тоа видео што го гледавме е збир од повеќе инсерти од повеќе настани, а не од еден како што тврди Јавното обвинителство. Видеата се составени и презентирани, а времето е фалсификувано. Палевски тврди дека сцените биле неколку месеци пред настаните.
– На ова видео, јас спротивставувам два доказа, кои се факти, не се од приватни камери, туку од два државни сервера со кои е недвосмислено утврдено дека возилото „рено кангу“ на 22.11.2023 во 00:14 се наоѓало во центарот на Скопје, регистрирано на камера 67, нов мост, Железничка. Но, ОЈО со видеодоказот тврди дека возилото е во Велес – кажа Палевски и му предочи на Судот дека за да го прогласат виновен според законот, освен вербален, потребен е и материјален доказ, а таков, според него, ОЈО не покажало.
Тој рече дека во видеата има вечер и утро, а не две вечери, како што претходно кажал Велибор Манев.
– Во својот исказ Манев кажува дека првата вечер сме се договориле да го грабнеме Панче следната вечер и сме заминале во Скопје. Првата вечер сме имале извидување на објектот. А според Кешишев, сме имале прв обид да го грабнеме. Двајцата даваат различни изјави за ист настан – забележува Палевски.
Откако заврши со својата одбрана за тоа каде бил, со кого бил и што правел во текот на грабнувањето и убиството на Панче, првообвинетиот почна да зборува за деновите кога се планирало киднапирањето на девојчето. Тврди дека на 27.11.2023, денот на убиството на Вања, изутрината го палел системот за греење во партијата, каде што преноќувал, потоа отишол во банка, па кај семејството, па на Бит-пазар да купи грејач, а денот му завршил со партиски состаноци. Палевски ја кажуваше секоја секунда од критичниот ден. Негира дека купил нов алат за копање дупки. Моторолите и ВД 40 му ги препиша на Манев.
– Немам мотив за кривичното дело и не сум го извршил убиството на девојчето Вања – рече Палевски.
На моменти, зборуваше во трето лице, нагласувајќи ги, според него, сите недостатоци од полициската истрага за делата.
Тој е последен од петтемина обвинети за двојното убиство што ја кажува својата одбрана, односно верзијата на настаните од пред две години што ја згрозија македонската јавност. По прашањата од бранителот, ќе одговара на прашања од обвинителките, кои со оглед на подготвеноста на обвинетиот, треба добро да ги формулираат. ОЈО докажува обвинение во кое како доказ го нема пиштолот со кој се извршени убиствата и нема биолошки траги од првообвинетиот на телата на жртвите. Од друга страна, на снимка се гледа дека Палевски е дел од групата што планира нешто пред куќата на Манев, ден пред грабнувањето на Панче, а на друга како се вози во „кангуто“, заедно со Велибор, пред да ја киднапираат Вања. Беше екстрадиран од Турција, од каде што имал намера да замине за Русија. Судењето продолжува в понеделник. (П. А.)