Москва нема да поставува услови во однос на составот на европскиот преговарачки тим, изјави во саботата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Ние не можеме, ниту сакаме да поставуваме услови за нивниот преговарачки тим. Таквиот пристап е целосно погрешен“, рече Песков.
Во рамките на Европската унија веќе некое време се води дискусија за именување специјален пратеник кој би обезбедил директно европско претставување во идните мировни преговори. Вреди да се потсети дека на 25 октомври Песков изјави оти Русија би го поддржала именувањето преговарач од Европската унија, под услов тој пратеник искрено да работи на постигнување мирно решение.
Како можни кандидати се споменуваат финскиот претседател Александар Стуб и чешкиот претседател Петр Павел. Сепак, Европската унија сè уште нема постигнато договор за преговарач, ниту пак заземено заеднички став за тоа кога би требало да започнат директните преговори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека Европа мора да биде на преговарачката маса – заедно со САД, Украина и Русија – за време на следната рунда разговори. Тој исто така наведе дека Украина очекува нејзините европски партнери до крајот на ноември да одлучат кој ќе ја претставува Европа.












