Светскиот ден на дијабетесот се одбележува секоја година на 14 ноември – денот на раѓањето на Фредерик Бантинг, научникот кој, заедно со Чарлс Бест, го открил инсулинот во 1922 година.
Одбележувањето на овој датум беше иницирано во 1991 година од страна на Меѓународната федерација за дијабетес (IDF) и Светската здравствена организација (СЗО), како одговор на растечките здравствени, социјални и економски последици од дијабетесот. Со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на Генералното собрание на Обединетите нации, Светскиот ден на дијабетесот во 2006 година официјално стана ден на Обединетите нации.
Овогодишната кампања за Светскиот ден на дијабетесот е фокусирана на превенцијата и раното откривање на болеста. Целта е да ѝ се укаже на јавноста за важноста од усвојување здрави животни навики – кои можат да помогнат во спречување или одложување на појавата на дијабетес тип 2 – како и за значењето на препознавањето на знаците на болеста, нејзиното рано откривање и навременото започнување со лекување.
Предизвивите на луѓето кои живеат со дијабетес во Македонија
Околу 40.000 луѓе во Македонија живеат со дијабетес без да знаат, а кај половина од пациентите со тип 2 компликациите веќе се присутни кога ќе ја добијат дијагнозата. Оваа проценка ја изнесоа ендокринолозите од Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, на прес-конференцијата со министерот за здравство Сашо Клековски, во пресрет на 14 ноември, Светскиот ден на дијабетесот.
Годинашната тема на Меѓународната дијабетична федерација, „Рано дејствување за дијабетесот“, го става во фокус токму тоа: болеста да се открие пред да ги оштети срцето, бубрезите, очите и нервите. Ако проценката е точна, приближно секој четврти човек со дијабетес во земјава сè уште не е опфатен со ниту една евиденција.
Најновиот Национален регистар за дијабетес на Институтот за јавно здравје, за 2025 година, евидентира 141.891 лице со дијабетес. Од нив, 78.663 се жени, а 63.228 мажи. Над 95 отсто од пациентите имаат дијабетес тип 2, кој најчесто се развива во зрелата возраст и е тесно поврзан со исхраната, вишокот килограми и физичката неактивност. Дијабетес тип 1, кој обично се јавува кај децата и младите и бара инсулинска терапија од првиот ден, го имаат околу 4.000 лица. Регистарот покажува колку случаи се откриени, но проценетите 40.000 недијагностицирани лица остануваат надвор од секоја статистика.
Дијабетесот тип 2 може со години да напредува без јасни симптоми, па дијагнозата често се поставува случајно или дури откако ќе се појават последиците. Колку лесно можат да се откријат скриените случаи покажа неодамнешниот скрининг што го организираа студентите по медицина. Кај 16 отсто од тестираните лица на кои им бил измерен шеќерот во крвта, дијабетесот бил откриен за првпат. Стручњаците бараат почесто мерење на шеќерот во крвта кај матичните лекари, особено кај луѓето со вишок килограми или семејна историја на дијабетес. Предупредуваат и дека симптомите како постојан замор, зголемена жед и заматен вид не смеат да се игнорираат.
Министерот Клековски предложи резултатите од стотиците илјади систематски прегледи што се спроведуваат секоја година да се внесуваат во единствениот електронски здравствен картон. Така, тие би станале алатка за рано откривање на болестите, наместо да останат на хартија. За тоа е потребна измена на Законот за медицинска документација, па предлогот засега е само најава. Министерот зборуваше и за превентивни мерки, како ограничување на брзата храна во училиштата и можноста за воведување данок на шеќер во безалкохолните пијалаци, мерка што веќе ја применуваат околу 110 земји. Тој истакна дека за ваквите мерки е потребен општествен консензус.
Втората половина од приказната е она што се случува по поставувањето на дијагнозата. Државата првпат обезбеди сензори за континуирано следење на гликемијата во 2023 година, за 650 пациенти. Со набавката склучена во април годинава, бројот на корисници е зголемен на 800, од кои 350 се деца, а останатите се млади до 25 години. Министерството наведе дека во програмата се опфатени и бремените жени и слепите лица со дијабетес тип 1, како и пациентите со најтешки компликации. Договорот важи до април 2028 година, а сензорите се подигаат во инсулинските аптеки. Од околу 4.000 лица со тип 1, сензор добива приближно секој петти, додека возрасните со тип 1 и сите пациенти со тип 2 кои се на инсулинска терапија мораат сами да го купуваат сензорот или да го мерат шеќерот со боцкање во прстот.
Ниту лентите за мерење на шеќерот во крвта не се обезбедени во неограничени количества. Програмата за инсулин предвидува 125 ленти месечно за пациент со дијабетес тип 1, што овозможува околу четири мерења дневно. Пациентите со тип 2 добиваат 350 ленти годишно, односно помалку од едно мерење дневно. Соседните земји во последните месеци го прошируваат правото на самоконтрола. Србија им овозможи на младите кои користеле сензори како малолетници да го задржат тоа право и по полнолетството, а Украина од септември обезбедува ленти за мерење и за луѓето со дијабетес тип 2 кои се на инсулинска терапија.
Дијабетесот во бројки
На глобално ниво, едно од девет возрасни лица – приближно 589 милиони луѓе – живее со дијабетес. Истовремено, уште 635 милиони луѓе се изложени на зголемен ризик од развој на дијабетес тип 2. Огромното мнозинство од нив (три четвртини) живеат во земји со низок и среден приход.
Посебен предизвик претставува фактот што голем број луѓе не се свесни дека имаат дијабетес. Се проценува дека, на глобално ниво, 40% од лицата со оваа состојба остануваат недијагностицирани.
Причината за тоа е што најчестата форма – дијабетес тип 2 – може да напредува со години без да покаже јасни симптоми. Како резултат на тоа, во дури 50% од случаите, дијабетесот се открива дури откако веќе ќе настанат компликации кои ги зафаќаат срцето и крвните садови, бубрезите, очите или нервниот систем.
Тема и слоган за кампањата по повод Светскиот ден на дијабетесот 2026 година
Овогодишната кампања за Светскиот ден на дијабетесот е фокусирана на превенцијата и раното откривање на болеста. Целта е да ѝ се укаже на јавноста за важноста од усвојување здрави животни навики – кои можат да помогнат во спречување или одложување на појавата на дијабетес тип 2 – како и за значењето на препознавањето на знаците на болеста, нејзиното рано откривање и навременото започнување со лекување. Раното дејствување може да го намали ризикот од развој на дијабетес тип 2 и неговите компликации, а истовремено придонесува за подобро здравје и подобар квалитет на живот за луѓето кои живеат со дијабетес. Токму затоа, слоганот на овогодишната кампања гласи: „Дејствувајте навреме – спречете го дијабетесот, заштитете го своето здравје“.
Клучни пораки
Дијабетесот е еден од здравствените предизвици во 21. век што најбрзо се зголемуваат.
– Бројот на луѓе со дијабетес ширум светот постојано расте. Без одлучни мерки, здравствениот и економскиот товар од оваа болест ќе продолжи да се зголемува – како за заболените и нивните семејства, така и за здравствените системи на глобално ниво. 40 % од луѓето со дијабетес во светот се недијагностицирани.
– Дијабетесот тип 2 често започнува незабележливо, без јасни или изразени симптоми. Како резултат на тоа, може да остане непрепознаен со години, а да се открие дури откако ќе настанат компликации – како што се срцев удар, мозочен удар, заболување на бубрезите или оштетување на видот.
Дијабетесот тип 1 понекогаш се превидува или погрешно се дијагностицира.
– Како и кај дијабетесот тип 2, симптомите на дијабетес тип 1 може погрешно да се припишат на други здравствени проблеми; кај возрасните, дијабетесот тип 1 понекогаш погрешно се дијагностицира како дијабетес тип 2.
– Навременото препознавање на симптомите и точната дијагноза се клучни за брзо започнување со соодветно лекување. 635 милиони возрасни лица се изложени на висок ризик од развој на дијабетес тип 2.
– За поединците со зголемен ризик од развој на дијабетес тип 2, промените во начинот на живот можат да го намалат тој ризик или да ја одложат појавата на болеста.
– Ефективната превенција подразбира создавање услови кои го прават здравиот начин на живот остварлив избор – како што се подобар пристап до здрава храна, безбедни јавни простори за физичка активност и висококвалитетна примарна здравствена заштита.
Раното откривање на дијабетесот им овозможува на заболените да водат поздрав живот и да уживаат во подобар квалитет на живот.
– Раната дијагноза и навремениот почеток на лекувањето го намалуваат ризикот од развој на компликации, придонесувајќи за подолг и поквалитетен живот на лицата кои живеат со оваа состојба. Повеќе од половината возрасни лица со дијабетес не добиваат соодветен третман.












