Кредитната активност во земјава продолжува да расте, а кредитите во јули 2026 година забележале значително повисок годишен раст во споредба со депозитите. Според најновите податоци за монетарните движења на Народната банка, вкупните кредити се зголемиле за 13,3 % на годишно ниво, додека вкупните депозити пораснале за 8,8 %.

На месечна основа, вкупните кредити во јули се зголемиле за 0,8 %, при што раст е забележан кај кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Поголем придонес кон месечниот раст имаат кредитите на домаќинствата. Кај корпоративниот сектор, кредитите во јули пораснале за 0,7 % во однос на претходниот месец. Растот во целост произлегува од зголемувањето на кредитите во денари, додека кредитите во странска валута бележат намалување. На годишно ниво, кредитирањето на компаниите е зголемено за 14,5 %.

Кредитите на домаќинствата во јули се зголемиле за 0,9 % на месечно ниво, при раст на кредитирањето во денари и пад на кредитите во странска валута. На годишно ниво, кредитите на домаќинствата се повисоки за 12,2 %. Според намената, најголем раст кај кредитите на физичките лица е забележан кај станбените и потрошувачките кредити. Станбените кредити на годишно ниво се зголемиле за 16,6 %, додека потрошувачките бележат раст од 12,1 %. Автомобилските кредити во јули се намалиле за 0,3 % на месечно ниво, но во однос на истиот месец лани се зголемиле за 5,6 %.

Од друга страна, вкупните депозити во јули забележале месечен пад од 0,4 %, предизвикан целосно од намалувањето на депозитите на корпоративниот сектор. Депозитите на домаќинствата, напротив, се зголемиле за 1,6 % на месечно ниво. На годишна основа, вкупните депозити се повисоки за 8,8 %, при што најголем придонес имаат депозитите на домаќинствата. Депозитите на корпоративниот сектор во јули се намалиле за 4,6 % на месечно ниво, но споредено со јули минатата година се повисоки за 2,9 %.

Кај домаќинствата е забележан посилен раст. Нивните депозити на годишно ниво се зголемиле за 11,1 %, при што растот во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, како и на долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.

Монетарниот агрегат М3 во јули забележал месечен раст од 0,1 %, главно поради зголемувањето на готовите пари во оптек. Раст е регистриран и кај долгорочните депозити до две години и депозитните пари, додека краткорочните депозити се намалиле. На годишно ниво, паричната маса е зголемена за 8,3 %.

 

ИЗДВОЕНИ