Тројца граѓани од Виница и Кочани, во само неколку дена, се казнети за незаконско одлагање комунален отпад, откако биле пријавени од совесни граѓани и затекнати на самото место. На двајца жители на Виница и на еден жител на Кочани им е изречена глоба од 250 евра во денарска противвредност, а дополнително се задолжени и да го исчистат отпадот што го оставиле. Двајца од нив веќе го собрале отпадот.
Од Општина Виница апелираат граѓаните да продолжат да ги пријавуваат ваквите случаи, а инспекциските служби најавуваат дека контролите на терен продолжуваат. Незаконското фрлање комунален отпад, како во Виница и Кочани, се санкционира со глоба и обврска за расчистување.
Случаите со незаконското одлагање отпад го отвораат и прашањето за тоа колку сериозно се третира уништувањето на животната средина во законодавството. Најтешките облици на уништување и сериозно загрозување на животната средина се дефинирани како „екоцид“ во член 218-б во македонскиот Кривичен законик. Одредбата се применува од март 2024 година. За намерно предизвикување сериозна, широко распространета или долготрајна штета на животната средина е предвидена казна од најмалку 10 години затвор или доживотен затвор.
Интересно е што Хрватска, иако е членка на Европската Унија, дури сега подготвува негово воведување во својот Кривичен закон. Министерот за правда на Хрватска, Дамир Хабијан, неодамна најави дека екоцидот допрва ќе биде воведен како ново кривично дело, како дел од измените на Кривичниот закон и усогласувањето со европската директива за кривичноправна заштита на животната средина. За најтешките случаи се предвидуваат исклучително строги затворски казни, а се разгледува и можноста делото да не застарува.
Хрватските власти најавата ја дадоа и во контекст на случајот со околу 37 илјади тони незаконски одложен опасен отпад во Госпиќ, што повторно го стави во фокус прашањето за одговорноста за сериозните еколошки последици. Хабијан посочи дека воведувањето на екоцидот не е директно предизвикано од овој случај, туку е дел од поширок процес на зајакнување на кривичноправната заштита на животната средина.
(С. Бл.)












