Изградбата на автопатот Прилеп – Битола забрзува, а првите целосно завршени километри се најавуваат за 2027 година. Целата траса треба да биде завршена до крајот на 2029 година, со по три ленти во двете насоки и изградени помошни патишта. Паралелно со автопатот, во Прилеп се реализираат инфраструктурни проекти вредни над 9,5 милиони евра, а се градат и социјални станови. Вкупната вредност на капиталните проекти што се реализираат во општината преку владините програми надминува 12 милиони евра

Изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со засилено темпо, а првите целосно завршени километри од трасата се очекува да бидат готови во текот на 2027 година. Крајниот рок за завршување на целиот автопат останува крајот на 2029 година, информираше министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Александар Николоски, при работната посета на Прилеп.
Николоски посочи дека во текот на летото на терен се бележи добра динамика, а за реализацијата на проектот бил одржан и работен состанок.
– Изградбата на автопатот Прилеп – Битола оди со одлична динамика. Во текот на летово имаме добри бројки и добра динамика. Очекувам веќе следната година да имаме доста добри вести и за Битола – Прилеп, изјави Николоски.
Тој нагласи дека првите километри што ќе бидат пуштени во функција треба да бидат целосно завршени, односно да ги имаат сите предвидени елементи на автопатската инфраструктура.
– Крајниот рок останува непроменет, тоа е крајот на 2029 година, но првите километри комплетно завршен автопат, зборувам комплетно, значи во две насоки, три плус три ленти со изградени помошни патишта, ги очекувам веќе следната година – рече Николоски.
Изградбата на автопатската делница Прилеп – Битола е еден од поголемите инфраструктурни проекти во Пелагонискиот Регион. Очекувањето е новата сообраќајница да овозможи побрзо и побезбедно патување меѓу двата најголеми градови во регионот, но и да придонесе за подобро поврзување на населените места и стопанството.
Од Министерството за транспорт паралелно најавуваат и низа други инвестиции во Прилеп. Според Николоски, преку различни програми во општината, се инвестираат вкупно 580 милиони денари, или околу 9,5 милиони евра. Средствата се наменети за реализација на инфраструктурни проекти, меѓу кои нови улици, подобрување на водоводната и канализациската мрежа, како и други проекти поврзани со урбаниот развој на градот. Од вкупната сума, околу три милиони евра се обезбедени преку првиот повик, додека околу 4,5 милиони евра се однесуваат на вториот повик. Дополнително, се реализира програма во соработка со Светска банка, вредна околу 350 илјади евра.
Во Прилеп се реализира и проект за изградба на зграда со социјални станови. За објектот се издвојуваат околу 1,5 милиони евра преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Според најавите, зградата треба да биде завршена до крајот на годинава, по што становите треба да бидат распределени и семејствата да се вселат до пролет.
– Не ги забораваме оние на кои им е најмногу потребна поддршката – тоа се социјално загрозените. Околу милион и пол евра се инвестираат преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор во изградба на зграда со социјални станови, која до крајот на годината треба да биде завршена и до пролет тие станови да бидат поделени и вселени – рече Николоски.
На работната посета во Прилеп, заедно со Николоски беа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Дејан Проданоски. Тие извршија увид во реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти во општината. Премиерот Мицкоски посочи дека преку владината програма за децентрализација на средствата од централниот буџет кон општините во Прилеп се реализираат проекти вредни повеќе од 12 милиони евра.
Според него, во цела Македонија во моментов се реализираат повеќе од 1.200 градилишта како резултат на оваа програма, преку која средствата се насочуваат кон капитални инвестиции во општините. Тој додаде дека само преку владината програма во Прилеп се финансираат проекти во вредност од повеќе од 12 милиони евра, а кога на ова ќе се додадат средствата што ги издвојува Општина Прилеп, како и инвестициите од други министерства и програми, вкупната вредност на капиталните проекти е уште поголема.
Мицкоски: За две години, пензиите се зголемени 3,25 пати повеќе од времето на СДСМ и ДУИ
Пензиите се зголемуваат со многу побрзо темпо во споредба со периодот на претходната влада, оцени премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Прилеп. Тој порача дека, според направените пресметки, просечната старосна пензија во изминатите две години се зголемувала за 325 отсто повеќе во споредба со периодот кога со државата управуваа СДСМ и ДУИ.
Според податоците што ги презентираше премиерот, во првите 23 до 25 месеци од актуелната влада просечното месечно зголемување на старосната пензија изнесувало 296 денари. За споредба, во период од 83 месеци во времето на владата предводена од СДСМ и ДУИ, просечното месечно зголемување било 91 денар. Кога ќе се споредат овие два износа, вели Мицкоски, доаѓа до разлика од 3,25 пати во корист на актуелната влада, односно 325 отсто повеќе.
– Кога ќе се споредат овие два параметра, доаѓаме до 3,25 пати повеќе сега отколку во времето на владата на СДСМ и ДУИ, или тоа е математички прецизно 325 проценти – изјави Мицкоски.
Премиерот направи и дополнителна споредба, овој пат со првите 25-26 месеци од владеењето на СДСМ и ДУИ и првите 25-26 месеци од актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, во периодот од јуни 2017 до јуни – јули 2019 година, просечната старосна пензија била зголемена за околу 540 денари. Во првите 25-26 месеци од актуелната влада, пак, просечната старосна пензија, според неговите податоци, се зголемила за нешто повеќе од 6.800 денари. Мицкоски оцени дека тоа значи дека зголемувањето во актуелниот период е повеќе од 12,5 пати поголемо во споредба со првите две години од претходната влада.
– Во овие 25-26 месеци на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечната старосна пензија се зголемила за нешто повеќе од 6.800 денари или, математички прецизно, тоа е повеќе од 12,5 пати. Таа е разликата – нагласи премиерот.












