Граѓаните на Европската Унија кои патуваат во рамките на ЕУ повеќе не се сеќаваат што значи „роаминг“ и колку скап може да биде. Сега, таа привилиегија може да ја имаат повеќе земји, меѓу кои и Македонија.
Европската Унија објави дека предложила отворање преговори за проширување на „европскиот роаминг“ на уште шест земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.
Ова би значело дека жителите на овие земји и жителите на ЕУ кои патуваат во нив би можеле да остваруваат повици, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг. Секако, за да се случи ова, би било потребно да се потпише договор со секој од партнерите и да се усогласат нивните операции со правилата за роаминг на ЕУ.
„Трошоците за роаминг се проблем за луѓето низ целиот Западен Балкан. Тие влијаат на работниците што ги преминуваат границите или на семејствата кои едноставно сакаат да останат во контакт. Повисоките трошоци за време на патувањето се нешто за кое повеќе не знаеме во рамките на ЕУ. Денес, предложивме да го прошириме ова на Западен Балкан. Ова би значело полесни повици и мобилни податоци што работат по домашни цени“, истакна Марта Кос, комесар за проширување.
Засега нема информации кога „роаминг како дома“ би можел да се прошири на Западен Балкан. Како што истакнува ЕУ, предлогот сè уште бара одобрение од Советот за отворање преговори со партнери од Западен Балкан. Откако Советот ќе даде одобрение, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секој партнер од Западен Балкан.
Само кога ќе бидат потпишани сите договори, ќе се отвори патот за активирање на „роаминг како дома“ во областа на Западен Балкан.












