понеделник, септември 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА КРАЈ НА ЕВРОПСКАТА БИРОКРАТИЈА ЗА РАБОТНИЦИТЕ: Листа на 10-те најбарани професии кои...

КРАЈ НА ЕВРОПСКАТА БИРОКРАТИЈА ЗА РАБОТНИЦИТЕ: Листа на 10-те најбарани професии кои ќе добиваат работа во ЕУ многу побрзо

0

Физиотерапевтите се на самиот врв на листата професии „од витално значење“ за кои Европската комисија предлага автоматско признавање на квалификациите и дипломите во сите земји на Европската Унија, и тоа без долготрајни бирократски процедури. Новата уредба бара воспоставување заедничка рамка на квалификации и е клучен дел од Пакетот за праведна мобилност на работната сила (Fair Labour Mobility Package), кој неодамна беше усвоен од Европската комисија.

Прекуграничното признавање на квалификациите значително ќе се олесни благодарение на Европскиот дигитален паричник (EUDI Wallet). Во него граѓаните ќе можат да ги чуваат сите потребни документи на едно место: од лични карти и возачки дозволи, до дипломи и потврди за здравствено осигурување.

Паричникот ќе биде сертифициран, неговата употреба доброволна, а ќе има и силни безбедносни механизми за заштита на корисниците. Ова вклучува селективно откривање податоци и оневозможување трети лица да го следат или идентификуваат сопственикот. Земјите од ЕУ имаат обврска да ги завршат процедурите за воведување на европскиот дигитален паричник до Божиќ 2026 година, иако во моментов за тоа се подготвени само Франција, Данска и Италија.

Предности и ризици од дигитализацијата

Главниот мамец за корисниците ќе биде поедноставувањето на признавањето на дипломите и професионалните квалификации, но и остварувањето на правото на социјално осигурување во секоја земја од ЕУ преку ESSPASS (дигиталниот пасош за социјално осигурување).

Сепак, организациите за заштита на дигиталните права и приватноста, како што е European Digital Rights (EDRi), изразуваат сериозна загриженост. Тие предупредуваат дека дигиталниот паричник сè уште не заслужува целосна доверба поради потенцијалниот ризик од истекување на лични податоци и дигитално профилирање, особено ако системот опфаќа биометриски податоци и механизми за препознавање лица.

Побрзо признавање за регулираните професии

Покрај дигиталното чување дипломи, Европската комисија предлага и креирање нов алатка на ЕУ за споредба на квалификациите. Оваа алатка ќе црпи информации од националните бази на податоци, обезбедувајќи им на работодавачите и работниците едноставен и бесплатен начин да споредуваат дипломи од различни држави членки.

Задолжителната дигитална процедура ќе го направи прекуграничното признавање за професионалци како лекари, медицински сестри, инженери и наставници побрзо, поевтино и побезбедно – процесот ќе трае пет недели наместо досегашните три месеци. Во моментов, автоматски (што во пракса и понатаму бара чекање до три месеци) ширум ЕУ се признаваат само седум регулирани професии:

Лекари (под одредени услови)

Медицински сестри за општа нега

Стоматолози

Фармацевти

Акушерки (бабици)

Ветеринари

Архитекти

Кои занимања се следни на листата?

Европската комисија планира да го прошири автоматското признавање на повеќе регулирани професии, особено на оние во кои има хроничен недостиг од работна сила. Првата таква рамка е одобрена за физиотерапевтите, а според официјалните документи, прелиминарната листа опфаќа 10 занимања:

Физиотерапевти

Градежни инженери

Техничари во биомедицински лаборатории

Електричари

Пејзажни архитекти

Медицински техничари (асистенти)

Асистенти во здравствена нега

Работни терапевти

Радиолози / радиолошки техничари

Воспитувачи и работници во установи за грижа за деца

Оваа листа е составена според приоритети и ја одразува потребата од стручњаци кои се клучни за економската отпорност, спроведувањето на зелената и дигиталната транзиција, но и за грижата за постарото население поради демографските промени во Европа.

Добри вести и за работниците од трети земји

Новите прописи ќе донесат и заеднички стандарди за признавање на квалификациите стекнати надвор од ЕУ, што е од огромно значење за работниците од Западен Балкан.

Во моментов овие процедури во просек траат 14 месеци. Со воведувањето на заедничките стандарди, времето на чекање ќе се скрати на само четири месеци, што на работодавачите ќе им ги преполови административните трошоци за вработување.

За седумте професии за кои веќе постојат паневропски стандарди, дипломите од акредитирани институции надвор од ЕУ ќе се признаваат автоматски, под услов да бидат проверени од европските тела за обезбедување квалитет. Сепак, државите членки го задржуваат сувереното право да контролираат кој влегува на нивна територија и под кои услови може да се врши професијата.

ИЗДВОЕНИ