Градот со огромен прилив на мигранти, доби мигрант за градоначалник. Триесет и четиригодишниот Зохран Мамдани испиша историја, станувајќи најмладиот и прв муслимански градски татко на Њујорк во последните 100 години.
Овој демократ социјалист доби повеќе од 50 проценти од гласовите на над два милиона гласачи што излегоа на изборите, водејќи кампања со мал буџет и со голем ангажман на волонтери. Тој лесно го победи својот главен ривал, поранешниот гувернер на државата Њујорк, Ендру Куомо, исто така демократ, но центрист и стана 111. градоначалник на Големото Јаболко. За да седне на градоначалничката фотелја, ќе чека до 1 јануари 2026 година.
Во победничкиот говор што го одржа во Бруклин, Мамдани упати остра порака дека „градот што го роди Доналд Трамп сега ни покажува како да го победиме“.
– Сонцето, можеби, зајде во нашиот град вечерва, но како што рече еднаш Јуџин Дебс, ја гледам зората на подобар ден за човештвото – им се обрати Мамдани на насобраните, додавајќи дека иднината сега е во рацете на обичните луѓе. Но, како што пишува „Хиндустан тајмс“, во текот на славењето на историскиот момент, во салата на две секунди одекнала песната „Dhoom Machale“ од боливудскиот филм „Dhoom“, додека покрај него биле сопругата Рама Дуваји и мајка му, режисерката Мира Наир.
Од Мамдани сега се очекува исполнување на ветената политичка платформа за која ги доби изборите. А, таа се темели на зајакнување на јавните услуги и на проширување на социјалните програми, особено во областа на домувањето и на транспортот. Тој се залага за замрзнување на кириите за околу еден милион кираџии во регулираните станови и за изградба на голем број прифатливи станови. Заговара и бесплатна грижа за децата и намалување на трошоците за живот за семејствата. Мамдани, исто така, ги поддржува воведувањето бесплатен автобуски превоз и проширувањето на јавниот превоз финансиран од градскиот буџет. Поборник е на идејата за зголемување на даноците на најбогатите и најголеми корпорации за финансирање
нови јавни програми. Во областа на јавната безбедност, неговата платформа промовира поголема улога на социјалните и услугите за ментално здравје, а воедно намалување на обемот на работа што традиционално ѝ се пренесува на полицијата. Исто така, тој силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ луѓето и проширувањето на пристапот до здравствена заштита.
Зохран Мамдани е роден во Уганда, во 1990 година, а пораснал во Њујорк, каде што се преселил со своето семејство кога имал седум години. Негова мајка е познатата индиска режисерка, Мира Наир, а неговиот татко е угандски активист и академик. Образованието го стекнал на престижни американски универзитети, но наместо финансиска кариера или академска сигурност, тој избрал организирање на заедницата во Квинс – округот што денес го претставува во Собранието на Њујорк. Првпат политички се ангажирал како организатор на движењето за станарски права, за по неколку години да стане политичка ѕвезда на американската левица. Себеси се нарекува демократски социјалист, а неговиот став за надворешната политика отскокнува од оној на демократите. Тој отворено ги поддржува Палестинците и е против Израел.
Новиот градоначалник на Њујорк себеси се опишува како „најголем кошмар на Трамп“, а според реакцијата на американскиот претседател пред и по изборите, има вистина во тоа. Трамп ги повика Израелците да гласаат против Мамдани, нарекувајќи ги глупави тие што ќе му го дадат својот глас. Исто така, рече дека ако победи тој, ќе го прекине финансирањето на градот Њујорк. За Трамп, Мамдани е комунист, што, според него, е полошо од социјалист, а на забелешката на новинарка дека го споредуваат со него, рече: „Јас сум поубав“.
Интересен е податокот дека Мамдани не може да стане претседател на САД, зашто не е роден во државата, туку станал нејзин државјанин дури во 2018 година, а кога се родил, ниту еден од неговите родители Индијци немал американско државјанство.












