Шокантна сцена беше забележана во унгарската кошаркарска лига, каде што 26-годишниот американски крилен играч Јерико Хелмс удри навивач во лицето, по завршувањето на натпреварот. Клубот на Хелмс, Залаегершег ЗТЕ, беше поразен дома од Комета Капошвар со 83:90. По натпреварот, играчите на ЗТЕ отидоа на трибините за да ѝ се заблагодарат на публиката за поддршката, но ситуацијата брзо излезе од контрола. Хелмс наводно бил вербално нападнат од еден од навивачите, па одговорил удирајќи го во лицето.
- Верувам дека кошарката треба да биде празник, место каде што семејствата и навивачите може да уживаат во играта. Сите сакаме да победуваме и не е лесно кога не одат работите според планот, но она што се случи по натпреварот е едноставно неприфатливо – рече тренерот на ЗТЕ, Тамас Бенче, по инцидентот.
Кратко по скандалот, унгарскиот клуб го раскина договорот на Хелмс, а набргу потоа се раздели и со тренерот Бенче.











