Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека Комисијата ја поддржува визијата на Црна Гора да стане членка на ЕУ во 2028 година, под услов земјата да продолжи да постигнува резултати, пренесуваат црногорските медиуми.
Црна Гора постигна многу во процесот на преговори со Европската Унија (ЕУ) и, доколку продолжи да постигнува резултати, би можела да ја заврши техничката фаза од преговорите до крајот на оваа или на почетокот на следната година, изјави комесарката за проширување Марта Кос.
Говорејќи на прес-конференцијата на која беше претставен документот на Европската комисија (ЕК) за политиката на проширување, таа нагласи дека проширувањето претставува инвестиција во подобра иднина за Европа и дека новите членки ќе ги уживаат истите права во рамките на Унијата.
Кос изјави дека ЕК ја поддржува целта на црногорската влада земјата да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година.
„Црна Гора вложи многу енергија и постигна многу позитивни резултати. Врз основа на тоа, Црна Гора би можела да ја заврши техничката фаза од преговорите до крајот на оваа или на почетокот на следната година“, рече Кос.












