Надзорот што го спроведе Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва, откри одредени измамнички трговски практики кои се однесуваат, меѓу другото, на рекламирањето на финансиските услуги и на други дејства од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите.

При надзорот се констатирани рекламирање со 0 % камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци. Исто така, констатирани се неправилности кои се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под заштитени трговски марки без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб-страници од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво.

– Министерството за финансии на сите финансиски друштва кај кои утврди неправилности им наложи да ги отстранат сите реклами и натписи во деловните простории кои би можеле да ги доведат граѓаните во заблуда. Во спротивност, Министерството за финансии ќе ги преземе расположливите мерки во насока на заштита на граѓаните како корисници на финансиските услуги – велат од Министерството за финансии.

Оттаму нагласуваат дека во насока на усогласување со законските одредби, финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот согласно дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и користење една веб страна, која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор.

Согласно Законот за заштита на потрошувачите одредена трговска практика се смета како измамничка доколку во содржината изостануваат битни инфромации што на потрошувачот му се потребни за да донесе правилна одлука.

ИЗДВОЕНИ