понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од Словачка тргнал за Струга – семејството со денови трага по Благојче...

Од Словачка тргнал за Струга – семејството со денови трага по Благојче Матовски

Мистериозно исчезнување на пат кон дома

1369

Семејството Матовски од Струга две недели го бара исчезнатиот Благојче, кому му се губи трагата на пат од Словачка кон родниот град во Македонија. Неговата внука, Жулиета, за весникот ВЕЧЕР, во очај вели дека, освен од Амбасадата во Будимпешта, немаат никакви информации од македонската полиција, каде што веднаш го пријавиле 69-годишниот Благојче за исчезнат. За разлика од нашата, полицијата во Унгарија пред неколку дена објавила потрага по македонскиот државјанин и ги известила сите гранични премени.

– Исчезнатиот е облечен во црна јакна и фармерки, има седа коса, речиси целосно оштетен слух и зборува само македонски – стои во објавената потрага на интернет-страницата на унгарската полиција.

Жулиета Матовска, чие семејство сега најмногу стравува за животот на Благојче, вели:

– Кога се јавивме во полициската служба на Интерпол во Скопје, прво нè прашаа: „Од каде го најдовте бројот?“, а потоа ни кажаа дека надлежни за случајот се во полицијата во Струга.

Неговото патешествие почнало во Словачка, каде што живеел седум години, по што решил да се врати во родното огниште. Купил автобуска карта до Виена, од каде што требало да се качи на авион до Охрид. Го пропуштил автобусот и преспал на станица, па решил да се качи на воз, од словачкиот град Кошице до Белград.

– И тука првпат му се губи трагата, телефонот му е исклучен, а од претходно знаевме дека му е блокирана и платежната картичка. На 26.2., во полицијата во Струга пријавивме дека е исчезнат, баравме да биде известен и Интерпол, но не ни кажаа дали преземаат нешто. Ја информиравме неговата поранешна сопруга во Словачка и таа го пријавува таму за исчезнат – раскажува неговата внука за весникот ВЕЧЕР.

И тогаш, еден телефонски повик од словачката полиција му дал смирувачки момент на семејството. Благојче бил легитимиран во автомобил пред унгарската престолнина и им кажал на полицајците дека оди за Струга.

– Најверојатно, се качил со автостоп, бидејќи немал пари со себе. Ние инсистиравме уште претходно, штом ќе дојде до границата со Србија, да ни се јави, дека ќе го преземеме со возило – објаснува Матовска.

Средовечниот човек, кој, според семејството, бил во добра здравствена состојба и со голема желба да се врати дома, последен пат бил забележан на 27.2., во болница во близина на Будимпешта. Семејството ја дознало информацијата преку македонската Амбасада, бидејќи тој и натаму е недостапен на мобилниот телефон.

– Дошол во болницата и побарал помош да ја наполни батеријата од телефонот. Вработените ги информирале службите, па бидејќи зборувал само македонски, се јавиле во нашата Амбасада. Оттаму со допис ни кажаа дека бил во добра здравствена состојба и оти побарал пари за да се врати во Македонија. Му сугерирале да нè контактира нас, семејството, а го пуштиле со намера дека оди кон српската граница – семејството ги пренесува последните сознанија што ги дознало од македонската Амбасада.

Оттаму ги информирале сите гранични служби, ако забележат такво лице за излез од земјата, веднаш да ги информираат полициските службеници, бидејќи неговото семејство е загрижено и се обидува да го лоцира.

Од 5 март стружанецот активно го бараат и полицијата во Унгарија и Црвениот крст. Го нема во болниците, нема пријава за негово поминување преку граница, а е испратена потерница и до аеродромите во земјата.

Од македонската полиција, за весникот ВЕЧЕР, велат дека Благојче е пријавен за исчезнат на 26.2. од страна на својот брат.

– По добиената пријава, ОВР Струга испрати телеграма до Секторот за меѓународна соработка при МВР за натамошна постапка и е распишана национална потерница. На 1.3.2026 година, од Интерпол Будимпешта, добиена е информација дека е Б. М. на унгарска територија – велат од МВР.

Семејството се надева дека ќе се појави Благојче на вратата од родната куќа во Струга и оти не се случило најлошото. Дотогаш, бара помош и соработка од нашите служби во потрагата. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ