Оркестарот на Македонската филхармонија на 7 мај со почеток во 20:00 часот ќе одржи концерт, кој е насловен „Хармонија“ и на кој како солист ќе настапи виртуозниот кинески виолинист Нинг Фенг, а диригент ќе биде маестро Емил Табаков од Бугарија.

На програмата се Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во де-дур, оп. 19 од Сергеј Прокофјев и Симфонија бр. 11 во ге-мол, оп. 103 од Дмитри Шостакович.

Еден од водечките виолинисти во Кина денес, Нинг Фенг, иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментно живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката го оценува како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин, со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и со Ху Кун на Кралската музичка академија во Лондон, каде што станал првиот студент што бил награден некогаш со 100 проценти за својот завршен рецитал. Добитник е на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд. Нинг Фенг свири на виолина „страдивариус“ од 1721 година.

ИЗДВОЕНИ