Повик за политичко обединување во земјава за да се случат финалните чекори за старт на преговорите со ЕУ, упати евроамбасадорот Михалис Рокас на конференцијата посветена на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи и 25 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Унијата. Евроамбасадорот потенцира дека ЕУ останува најзначаен економски и политички партнер на земјава, со силна поддршка преку инвестиции, програми и фондови. Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, истакна дека фокусот е ставен на забрзана испорака на реформи и дека кредибилен процес на проширување бара паралелна посветеност – силна реформска испорака од земјите кандидати и предвидливост од страна на Европската Унија
ЕУ нема да дозволи да има црни дупки на европскиот континент
Македонија припаѓа на европското семејство и е поблиску до членство во Европска Унија отколку што често се перцепира, смета амбасадорот на Унијата во змејава Михалис Рокас. Според него, главните предизвици во овој момент не се само технички, туку и политички. Рокас истакна дека се потребни поголем прагматизам, одлучност и обединување на политичкиот спектар за да се направи последниот чекор напред. Евроамбасадорот потенцира дека ЕУ останува најзначаен економски и политички партнер на земјава, со силна поддршка преку инвестиции, програми и фондови. На конференцијата посветена на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи и 25 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Унијата, Рокас рече дека и покрај разочарувањата во изминатите години, постои реална шанса за напредок, потенцирајќи дека треба да се имплементираат договорените реформи од 2022 година и се започнат пристапните преговори, што би го променило целиот процес и би ја забрзало интеграцијата.
Рокас е дециден дека во овој момент е потребно обединување на политичкиот спектар, со цел да се направи последниот одлучувачки чекор напред.
-Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања низ годините, и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема соменвање дека Македонија припаѓа на европското семејство, и всушност сме многу поблзиу отколку што мислиме. Но убаво е да се рефлектираме и на историјата бидејќи сметам дека граѓаните понекогаш забораваат како Европската Унија е постојан, близок, партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи, до Охридскиот договор, потоа Пржинскиот договор, но исто така и фактот дека економски сме присутни – 75 отсто од извозот од Македонија оди во ЕУ. Исто така и компнии од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите-членки на ЕУ, истакна евроамбасадорот Рокас.
Рокас увеерува дека за земјава е веќе одлучено во 2022 година, кога беше постигнат договор, кој според него, ако се имплементира, ќе овозможи земјава да биде фронтранер пред сите други кандидатки, особено поради фактот што Македонија не преговара со ЕУ.
-А сите знаеме колку е значајно да започнат преговорите, затоа што кога ќе ги почнете преговорите, тоа го менува моментумот. Ако се уште сметате дека има пречка за вашето пристапување, напорите што се прават за тоа да се реши, се бавни, постојат и сомнежи, затоа треба да направиме пробив. Проширувањето е политичка одлука, патот напред исто така е политичка одлука, но би рекол дека треба да сфатиме дека времињата значајно се променија. Живееме во ера кога меѓународниот систем базиран на владеење на правото е уништен и кога долгорочните пријателства се ставени под прашање. Така што нема сомневање дека ЕУ треба да одговори на овие предизвици, ставајќи силен акцент на проширувањето, и нема да дозволиме да има црни дупки на европскиот континент, рече евроамбасадорот Рокас.
Тој потсети на отворањето на ЕУ програмите како Хоризонт и Еразмус плус, како и други, кои според него, помагаат на граѓаните и кои се враќаат назад во земјата да ги споделат знаењата стекнати во ЕУ. Го потенцира и Планот за раст на Западен Балкан, за кој рече дека е многу значајна помош од страна на ЕУ, но за возврат треба да се исполнат реформи.
-Тој е во износ од 6 милијарди евра, од кои голем дел одат и за Македонија. Тука се и други програми за финансиска помош кои имаат влијание врз сите сфери од животот, што ќе можат да бидат трансформирачки како што реформите ќе се имплементираат. Но парите не ја купваат љубовта, така што ќе мора да одговориме на аспирациите на граѓаните. Бидејќи и покрај растечкиит број на разочарани граѓани, според најновите анкети на јавното мислење, поголем дел сепак го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ и оти тоа е единствен начин да се оди напред. Ова ни дава чувство на одговорност, бидејќи ние мора да испорачаме. Во сето ова ние ве гледаме како партнери, пријатели, веруваме дека ние сме вашиот најкредибилен партнер низ годините и покрај разочарувањата, така што ве молам продолжете да верувате во тоа, ние сме тука со вас за да ја надминете последната пречка за да го доближиме членството поблизу до земјава истакна амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во своето обраќање истакна дека европската интеграција останува стратешки приоритет на државата, а по завршувањето на скрининг процесот, фокусот е ставен на забрзана испорака на реформи. Тој додаде дека преку Реформската агенда и Планот за раст, државата веќе обезбедува мерливи резултати во клучните области како владеење на правото, јавната администрација и економското управување. Министерот истакна и дека кредибилен процес на проширување бара паралелна посветеност – силна реформска испорака од земјите кандидати и предвидливост од страна на Европската Унија.
-Триесет години партнерство и 25 години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација покажуваат дека нашиот европски пат е јасен и неповратен. Денес, интеграцијата не е само цел – таа е процес на конкретна испорака на резултати. Нашата амбиција е јасна – полноправно членство во Европската Унија, порача Сали.
Претседателот на Дипломатскиот клуб Скопје, амбасадорот Јован Теговски, предупреди дека спориот чекор на нашиот напредок кон ЕУ носи ризици – замор од реформи, намалување на јавната доверба и зголемување на скептицизмот, ги зголемува ризиците за одредени наративи и странски влијанија што, според него, не се во линија со европските вредности.
Конференција „30 години на европскиот пат: Односите Северна Македонија-ЕУ и патот напред“, која беше организирана од Дипломатскиот клуб – Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“, има за цел да се одбележат две значајни пресвртници во односите меѓу нашата држава и Европската Унија: 30 години од воспоставувањето дипломатски односи и 25 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. На конференцијата имаше два тематски панели за геополитичкиот контекст на проширувањето, улогата на младите и можностите за повторно активирање на европскиот пат, како и за владеењето на правото и економската конвергенција како неопходни темели за кредибилен и заслужен процес на пристапување. (В.С.Н.)












