Праисконска е борбата на доброто и злото, вечна е играта на сенките и темнината со светлината, се преплетуваат и судираат, од самите почетоци на човештвото. Постоеле периоди кога злото и темнината ги прекривале доброто и светлината, но никогаш, како што е тоа денес, не доминирало злото, изопаченоста, и не се надвивале сенките над темнината над човештвото.
Живееме во едно чудно и изопачено време, живееме во време невреме, живееме во време на неморал, изопаченост и грдост. Сите цивилизациски вредности, сите човечки вредности и доблести се погазени и исмеани, вистината стана нечесна и опасна, на лагата ѝ се верува и се слави, неморалот и корумпираноста станаа доблести. Животот и чесноста се понижени, станаа евтини зборови кои служат само за добивање гласови и власт.
Ситни, мали, проклети и изопачени души добија моќ и се прогласија за господари на животот и смртта, без трошка совест уриваат туѓи домови, училишта, болници, мавтајќи со знамето на демократијата и хуманоста. Човештвото живее во страв и сенка на налудничавоста на моќниците кои решаваат за судбината на цели нации, народи и континенти.
Денес паметот и мудроста молчат, налудничавоста и изопаченоста гласно зборуваат низ звукот на суперсоничните авиони, ракети, дронови, вештачки произведени вируси, лажни пандемии. Се унапредува вештачката интелигенција, а се уназадува и се презира човечката памет и се стивнуваат интелигенцијата и мудроста.
Наместо да напредува, човештвото не стагнира, туку се уназадува во своите цивилизациски вредности во 21 век, во кој требаше да блеснат мудроста и искуството на човештвото поучено од крвавото и темно минатото. Наместо тоа, во 21 век, бројот на жртви од војни, воени конфликти, тероризам и геноцид е огромен, при што процената на вистинскиот број жртви е исклучително тешка поради постојаната информациска војна која пласира огромен број лажни вести. Но, значителниот број на воени дејствија во Ирак, Сирија, Јемен, Авганистан, Украина, Иран ја оправдуваат процената на стотици илјади до милиони загинати. Дури и по завршување на воените дејствија, бројот на жртви од поствоениот хаос и разурнатост секојдневно одзема човечки животи, а самите услови за живот во тие подрачја ги прави невозможни.
Но она што вистински загрижува е молкот на интелигенцијата, молкот на човештвото, кој длабоко ме потсеќа на зборовите на Мартин Нимолер, кој во време на фашизмот во Германија, напишал: Кога нацистите дојдоа по комунистите, јас молчев, не сум комунист. Кога нацистите дојдоа по евреите, јас молчев, не сум евреин. Кога нацистите дојдоа по мене, никој не остана да се спротивстави.
За жал, и денес се случува истото. Молчиме кога ги уништуваат шумите, реките, ја загадуваат почвата некаде таму на друг континент или во друга земја, молчиме затоа што не живееме таму. Молчиме кога се истребуваат птиците, животните, се загадуваат морињата и океаните со што се истребуваат илјадници видови, молчиме затоа што не живееме покрај море, ниту океан, таму одиме само понекогаш на одмор. Молчиме кога гранатираат друга земја и кога други народи страдаат, молчиме затоа што припаѓаме на друга националност, друг народ, затоа што е тоа таму некаде, далеку од нас.
Молчиме и затвараме очи пред сите несреќи и изживувања над човештвото и природата, молчиме затоа што мислиме дека тоа не нè допира нас, дека тоа не е наша грижа и несреќа, не сфаќајќи дека сите ние сме едно нешто, поврзани и преплетени и дека секоја промена, несреќа, војна влијае на сите нас. Молчиме сè додека истото не нè допре и нас но, тогаш ќе биде доцна, нема да остане никој да зборува.
Дури и Обединетите нации, организација која е последниве децении далеку од својата улога и која многу потсетува на Лига на народите пред светската војна, во својот извештај укажуваат дека животниот век, образованието и животниот стандард на човештвото се уназадени и се на ниво од 2016 година со тенденција на влошување, особено со војните во Украина и сега во Иран. Првпат по 30 години, кога е воспоставен индикаторот за човечкиот развој, истиот е во постојано опаѓање во последните години. Таквото влошување на овој индикатор, кој го опфаќа животниот век, образованието и животниот стандард на човештвото, се однесува на повеќе од 90 проценти од вкупниот број земји. Во извештајот се наведува дека човештвото, соочено со постојани кризи без преседан, меѓу кои се укажува и на пандемијата на ковид, војните конфликти, бегалските кризи, постојаните фрустрации и стравувања, намалување на приходите и се пониската образованост, а што се должи на вкупните негативни случувања со кои се соочува човештвото, се директни причини поради која се намалува животниот век, животниот стандард и образованието.
На крај, и покрај тоа што за ова може уште многу да се пишува и зборува, ќе завршам со зборовите на поетот Владислав Петковиќ Дис: „Се разви црно време на опаѓање, се издигна гнилиот здив на пропаѓање, умреа сите херои и пророци, прогледаа сите дувла и канали, сите подмолни и сите мали станаа денес наши суверени… Ограбени се сите храмови и цркви, исмеани се сите доблести и чесноста, понижени се сите гробови и животи…“
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












