недела, јуни 21, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА: Подготвено ли е вашето дете за прво одделение – што вели...

КОЛУМНА: Подготвено ли е вашето дете за прво одделение – што вели логопедот?

1882
Асмира Башкими-Бајрамоска, клинички логопед-специјалист ЗДРАВСТВЕН ДОМ – СТРУГА

Уписот во прво одделение претставува значаен институционален и развоен момент во животот на детето, со кој официјално започнува неговото вклучување во формалниот образовен систем. Овој процес не е само административна постапка туку и опфаќа сеопфатна процена на подготвеноста на детето за прифаќање на новите образовни барања и обврски.

Во рамките на уписот се врши стручна евалуација од страна на тим составен од различни профили со цел да се утврди степенот на когнитивна, јазично-говорна, моторна и социо-емоционална зрелост на детето.

Со оглед на тоа што децата се развиваат со различна динамика, уписот во училиште треба да се разгледува како процес што ја зема предвид индивидуалната подготвеност на секое дете. Оттука, соодветно спроведениот упис претставува основа за успешен почеток на образовниот процес и понатамошен академски и личен развоj.

Прашањето што често се поставува е дали може детето да следи настава во траење од 45 минути.

Повеќето деца на оваа возраст може да ја одржат концентрацијата на една активност околу 15 до 20 минути, како што е пишувањето букви. Потоа вниманието природно се намалува и зависи од интересот за содржината.

Ова е нормален развоен процес и не е причина за загриженост, бидејќи концентрацијата се гради постепено.

Друго важно прашање што често се поставува е дали треба детето да знае да чита и да пишува пред да започне во училиште.

Не е неопходно децата да знаат да читаат и да пишуваат пред почетокот во прво одделение, па затоа и на тестирањата не се очекува тоа од нив. Сепак, повеќето деца во предучилишна возраст постепено се запознаваат со буквите и ја развиваат графомоториката, што претставува важна основа за понатамошно учење на читање и пишување во училиште.

Секако, постојат и исклучоци – доколку детето покаже рано интересирање за овие вештини, не треба да се ограничува, туку напротив, да се поддржи.

Од друга страна, прераното и неправилно поучување од страна на родителите понекогаш може да има и обратен ефект, бидејќи начинот на кој се учи дома често се разликува од методите во училиштето, што може да предизвика збунетост кај детето.

 

Најпрво се проценува графомоториката на детето на следниов начин:

  • Се утврдува дали е детето леворако или деснорако.
  • Се проверува дали правилно го држи моливот.
  • Се спроведува предиктивен тест со цел да се проценат графомоторната вештина и визуелната перцепција. На детето му се дава образец со едноставни форми (круг, крст, триаголник), кои треба да ги продолжи и да ги црта по зададениот модел.
  • Се анализира и цртежот што го изработува детето, односно дали содржи доволен број детали. На пример, при цртање човечка фигура, се набљудува дали се прикажани сите основни делови: главата со елементите на лицето, телото и екстремитетите.

Испитување на говорно-јазичниот развој

За утврдување на состојбата на говорот и јазикот се користат: тест на орална праксија и глобален артикулациски тест. Се проценува и способноста за прераскажување приказна, како и способноста за анализа и синтеза на гласовите во зборови.

Во текот на разговорот со детето се утврдува колку е богат неговиот речник, какви реченици користи, дали знае да римува, дали употребува синоними и зборови со спротивно значење, како и дали има развиена ориентација во просторот и времето (на пример, дали ги познава годишните времиња).

______________________________________

Што би требало да знае детето пред тргнување во училиште?

  • Речникот да опфаќа над 2.000 зборови.
  • Да користи и зборови со апстрактно значење (на пр., љубов, убавина).
  • Правилно да ги изговара сите гласови од мајчиниот јазик.
  • Да препознава римување на зборови.
  • Да ги разбира и користи сите времиња (минато, сегашно, идно).
  • Да може да рецитира стихотворби и да ја прераскажува омилената приказна.
  • Да користи зборови со спротивно значење (ден–ноќ, црно–бело, здрав–болен).
  • Да ги познава деновите во неделата.
  • Да ги знае месеците во годината.
  • Да ги набројува годишните времиња и нивните основни карактеристики.
  • Да користи синоними за повеќе зборови.
  • Да користи проста и проширена реченица.
  • Да ги препознава броевите.
  • Да подредува предмети по големина и да прави споредба (поголемо–помало).
  • Да составува целина од делови (на пр., сложувалки).
  • Да се ориентира во времето (ден–ноќ, утро, пладне, вечер; сега, пред, потоа).
  • Да се ориентира во просторот (пред, зад, над, под).
  • Да црта човечка фигура со повеќе детали.
  • Да прави разлика помеѓу левата и десната рака.

Повеќето деца знаат да го напишат и препознаат своето име и дел од буквите, но не е задолжително тоа.

Како логопед, моја желба е секое дете да го започне овој процес со чувство на сигурност, прифатеност и самодоверба – да биде слушнато, разбрано и поддржано. Да не се мери според тоа што знае и не знае, туку да се води според потенцијалот што го носи. Затоа што кога има детето поддршка, развојот не е притисок, туку природен тек.

ИЗДВОЕНИ