И денес, по повеќе од 70 години, голем број македонски, а посебно граѓани на Скопје, не слушнале и не знаат дека уште во текот на 1950 г. во Скопје било формирано првото и единствено воздухопловно претпријатие „20 Мај“. Со неговото формирање бил започнат и процесот за производство на воздухопловни едрилици. Тоа се оние летала што некои граѓани и денес ги нарекуваат авиони без мотор. Својот врвен дострел ова претпријатие го достигнало во 1955 г., кога ја произвело и првата „високоспособна“ или „полно акробатска“ едноседа воздухопловна едрилица именувана како „Илинденка“.
Таа едрилица со симболично име „Илинденка“ одиграла историска улога во Македонската, но и во некогашната jугословенска цивилна, односно спортска авијација. Тоа се однесува и на претставувањето на македонското развојно технолошко ниво, во тој период. Едрилицата „Илинденка“ својот врвен дострел го имала со настапот на Светското едриличарско првенство, одржано во Полска во 1958 г. Долги години оваа историска реалност влегуваше во прегратките на заборавот. Се губеа и раздаваа документи, цртежи и фотографии, а директните актери заминуваа и заминуваат носејќи ги со себе меморираните спомени за идејата, нејзиното создавање и за летовите направени со неа.
Тргнувајќи од ваката премиса, јас со сопствен труд, долгогодишно истражување и самофинансирање ја издадов книгата за „Сага за ’Илинденка’ и претпријатието ’20 Мај’“ и ја промовирав пред мал број пријатели и медиуми. Целта ми беше, и сè уште ми е, да се зачуваат спомените за неа и за едно значајно достигнување на македонското цивилно воздухопловство. Ја издадов во сосема мал тираж, колку што се моите можности, без да коленичам и молам за спонзори или донатори, чекање конкурси, пополнување молби и формулари, небаре е некаков мој личен интерес. Наспроти тоа, според покажаниот интерес од пошироката јавност, а следејќи ги и социјалните мрежи, очигледно е дека интересот беше и останува на мошне високо ниво, така што книгата е веќе поделена и сместена во универзитетските библиотеки. Искрено, тоа и го очекував, но очекував да постигнам и многу поголем интерес за нејзино реиздавање во многу поголем тираж, од страна на надлежните институции, градот Скопје или, во најмала рака, кај Општината Центар. Токму таму било лоцирано единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“. Но, никој од споменатите не пројави таков интерес.

А според мене, ова е од особено значајно во пресрет на 2028 г., кога градот Скопје ќе биде „Европска престолнина на културата“. Притоа, сигурен сум дека меѓу посетителите ќе има и такви кои ќе се интересираат за воздухопловството на овие простори и градот Скопје. И да не изумам… Следејќи ги нашите социјални мрежи, и до сега, забележувам многубројни погрешни информации во овој контекст. Компетентно појаснувам и потврдувам: Идејата за создавање и производство на оваа едрилица била на еден од македонските основоположници на цивилното, односно аероклупско летање, Љубомир Тевчев! Тој бил и директор на претпријатието. Конструктор на едрилицата бил инж. Мишо Илиќ, а пробниот пилот за фабрички тест-лет и добивање „пловидбеност“ (сертификат за сериско производство) на едрилиците „Илинденка“ и „Илинденка 1Т“ бил бардот на македонското спортско воздухопловство, Славко Димитровски!
Оттука, воздухопловната едрилица „Илинденка“, сама за себе, оставила вреден белег врз светската, домашната и меморијата на авијатичарската фела воопшто. Ова се потврдува и со фактот што на светското првенство во Полска, учествувала и американска репрезентација. Оттука, сè уште има многу такви истражувачи коишто трагаат по повеќе податоци за неа. Во таа насока, посебно „инфицирани“ истражувачи се и пасионираните макетари натпреварувачи на кои, за изработката на макетите, им е потребен секој детаљ од едрилиците. Притоа е потребно тие да приложат и соодветно документација за веродостојност на изработената макета.
Во однос на сеќавањата, како куриозитет ќе споменам дека во своите истражувања направив контакт со аероклубот во Лешно – Полска, каде што се одржувало Светското едриличарско првенство во 1958 г. На мое изненадување, веднаш добив колор – фотографии од учеството на Југословенската едриличарска репрезентација на тоа првенство, а меѓу нив и за нашата „Илинденка“.
А што имаме ние за „Илинденка“, по повеќе од 70 години од нејзиното прво производство? Ги заборавивме дури и основните сознанија за неа. Така, во 2005 г. е издадена колекционерска поштенска марка со едрилицата „Илинденка“, од страна на Македонски пошти. На страничниот дел на издадената серија марки е напишано: 50 ГОДИНИ ПРВ ВОЗДУХОПЛОВ ВО МАКЕДОНИЈА – ДВОСЕД ЕДРИЛИЦА „ИЛИНДЕНКА“. Им честитам на оние коишто ја покренале иницијативата, но за жал, творците на марката ни малку не ја знаеле македонската воздухопловна историја, а уште помалку историјата на оваа едрилица! Одговорно тврдам дека „Илинденка“ не е првиот воздухоплов произведен во Македонија, ниту, пак, таа е двоседа воздухопловна едрилица, напротив, таа е едноседа едрилица. Во тоа можевме да се увериме при нејзиното изложување на спортскиот аеродром во Скопје, во 2023 г. Ова е само еден пример за тоа колку ја знаеме сопствената воздухопловна историја, посебно во услови кога сè уште имаме живи сведоци и нивни веродостојни сведоштва. Вакви примери има повеќе. Така, низ приказните на бројни, би рекол, квази хроничари и историчари ги губиме или искривуваме сè уште достапните значајните историски белези и збиднувања.
Токму заради тоа, мојот предлог секогаш бил и останал, историската приказна за „Илинденка“ да не биде покриена со велот на заборавот, а нејзината вистинска приказна да не се плете како пајакова мрежа низ текстови на самоименувани истражувачи, хроничари и „измислители“ на ново создадени приказни за неа или за македонската авијатичарска историја.
Во таа насока, кога веќе ја немаме „Илинденка“ кај нас, а соседна Србија ја прогласи за национална вредност, сметам дека може да се утешиме со изработка на нејзин „споменик“. Следејќи го денешниот технички и технолошки развој може и треба да се изработи макета „реплика“ (копија), во оригинални или сразмерно смалени димензии, која би била своевиден споменик на славната „Илинденка“. Изворите за нејзина веродостојна изработката се содржани во спомнатата книга, а димензиите ги имам и јас лично. Таа реплика, односно споменик би можел да биде поставен на постамент, на слободниот простор пред гимназијата „Ј. Б. Тито“, без посебни и значајни преуредувања. Со тоа би создале вечен споменик и потсетник на „Илинденка“, а со него би го означиле и местото во непосредната близина на некогашното, прво и единствено македонско „Воздухопловно претпријатие „20 Мај“ – Скопје. Во едно, тоа е и точното место каде што прв пат, пред македонската јавност, бил изложен прототипот на воздухопловната едрилица „Илинденка“! Тоа е и место наспроти т.н. авијатичарска зграда во која долги години беа сместени просториите на аероклубот „Скопје“, и сè уште е Воздухопловната федерација. Токму во тие простории израснаа најголемиот број наши врвни моделари, воздухопловни едриличари, пилоти на авиони и падобранци, подоцнежни професионалци, секој во својата сфера. И јас растев и се градев како авијатичар, токму таму.
Сметам дека грациозноста на самата едрилица – реплика „Илинденка“ и грандиозноста на идниот експонат на едрилицата, поставена на соодветен постамент, не претставува голема инвестиција, наспроти значењето и белегот на историскиот моментум. Тоа би бил сериозно привлечен споменик за сите минувачи, ученици, а посебно за оние гости и посетители кои ќе престојуваат во „Градот на културата за 2028 г. – Скопје“. Целава идеја, впрочем, не е мој личен пронајдок, напротив вакви примери има во многу земји во светот, како оној во Полска.
Сега ја оставам оваа куса, но вистинска историска приказна, а посебно идејата за споменик на „Илинденка“ на медиумите и помладите генерации. Тие веродостојно да ја прошируваат низ прикажувањата на личните профили и социјалните мрежи. Едновремено, истомислениците, да направат и свои барања за создавање на презентираното обележје. Се разбира, доколку размислувањата им се блиски до моите. Сепак, идејата и барањето најнапред треба да стигне до споменатите градоначалници и нивните советници!
(Авторот е поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство)












