Основниот суд во Куманово го осуди Трајко Бојковски на доживотен затвор за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане, пренесува порталот Кумановски Муабети. Бојковски беше обвинет за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за обидите за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска. Обвинителството бараше најстрога казна, доживотен затвор, оценувајќи дека изведените докази ја потврдуваат вината на обвинетиот.
Според обвинението, Бојковски се товари за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за два обида за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска. Во завршните зборови обвинителот посочи дека жртвите биле убиени на сличен начин, а како важен доказ ги наведе и ДНК-трагите пронајдени кај дел од жртвите и една од преживеаните жени. Обвинителот Љубомир Лапе оцени дека психијатриското вештачење укажува на висок ризик од повторување на кривичните дела и дека постојат сериозни пречки за ресоцијализација на обвинетиот. Токму овие околности, според обвинителството, се меѓу причините поради кои се бара доживотен затвор. На претходното рочиште, одржано на 28 септември, Бојковски призна вина за три убиства, додека четвртото го негираше.












