понеделник, октомври 5, 2026
Дома МАГАЗИН Рекорден Октоберфест: 7,4 милиони луѓе испија неверојатни 6,7 милиони литри пиво

Рекорден Октоберфест: 7,4 милиони луѓе испија неверојатни 6,7 милиони литри пиво

1
EPA/ANNA SZILAGYI

Овогодишниот Октоберфест заврши со рекордни 7,4 милиони посетители, беше соопштено во неделата, на последниот ден од манифестацијата во Минхен.

„Оваа година Октоберфест го посетија 7,4 милиони посетители, со што беше соборен рекордот од 2023 година кога беа забележани 7,2 милиони гости“, соопшти градот Минхен.

Претпоследниот ден од Октоберфест, во саботата, управата поради големиот прилив на луѓе беше принудена да ги затвори приодите кон Терезиенвизе (Theresienwiese), каде што се одржува фестивалот.

Во согласност со рекордниот број посетители, забележана е и рекордна потрошувачка на пиво. На овогодишниот, 191-ви Октоберфест, беа испиени 6,7 милиони литри пиво, што е за 2,7 проценти повеќе од минатата година.

Традиционалната кригла пиво од еден литар оваа година исто така достигна рекорд со просечна цена од 15 евра.

Сопствениците на угостителските објекти бележат и зголемување на продажбата на храна за два до три проценти. Особено е порасната продажбата на традиционалната порција од половина пиле, и покрај просечната цена од 18 евра (без прилог).

На рекордниот број посетители му придонесоа и поволните временски услови и благите температури.

Според бројот на странски посетители, предничеа гостите од САД, Италија и Австрија.

Градот Минхен ја проценува вкупната економска вредност на овогодишниот Октоберфест на 1,59 милијарди евра.

Овогодишниот Октоберфест го одбележаа и две потешки несреќи. Третиот ден од фестивалот загина работник од обезбедувањето со потекло од Србија, откако го удри една од атракциите во забавниот парк.

На последниот ден, исто така, тешко беше повреден еден работник од удар на рингишпил во движење, а лекарите сè уште се борат за неговиот живот.

Октоберфест е најголемата народна манифестација во светот и се одржува од 1810 година, кога за првпат бил организиран во чест на свадбата на баварски крал Лудвиг I.

ИЗДВОЕНИ