Бројот на баратели на азил во Европа значително е намален од почетокот на оваа година, според извештајот на весникот „Велт ам Зонтаг“ (Welt am Sonntag) кој се повикува на податоци од Европската Унија, пренесува Дојче Веле.
Вреди да се истакне дека Германија сега се наоѓа дури на третото место меѓу земјите-дестинации.
Во првите девет месеци од оваа година, низ Европската Унија, како и во Норвешка и Швајцарија (областа ЕУ+), биле регистрирани 452.969 барања за азил, според претходно необјавени податоци од Агенцијата на Европската Унија за азил (EUAA) до кои дошол германскиот весник.
Ова претставува намалување од 24,3 отсто во споредба со истиот период минатата година, кога биле поднесени 598.575 барања. Податоците потекнуваат од нов документ на Европската комисија со датум 1 октомври 2026 година, кој се однесува на миграциската ситуација во Европа.
Според извештајот на ЕУ, Германија оваа година паднала на третото место меѓу земјите-дестинации за барателите на азил.
Од јануари, во Германија се поднесени 70.257 барања за заштита.
Франција е на првото место со 98.822 барања за азил, по неа следува Италија со 78.496, додека Малта (294), Словачка (131) и Унгарија (83) се на дното на листата.
Во првите девет месеци од оваа година, најголем број баратели на азил во Германија дошле од Авганистан (23 отсто), по што следуваат Сирија (12 отсто) и Турција (10 отсто). Ако се земат предвид ЕУ, Норвешка и Швајцарија заедно, најголем број баратели на азил дошле од Авганистан, Венецуела и Бангладеш.
Во контекст на војната во Украина, 12.182 лица од таа земја побарале азил. Најголем дел од овие барања биле поднесени од Украинци во Франција – што сочинува 49 отсто од вкупниот број – по што следуваат оние во Полска, Романија и Германија.
Истовремено, азил побарале и 6.420 Руси, наведува „Дојче веле“.












