Владата во дата-центрите гледа нова развојна шанса, а експертите предупредуваат дека идните проекти мора да се темелат на јасни технички и еколошки критериуми. Додека пехчевските советници го отфрлија најавениот проект, „Инженерите на Македонија“ бараат уште во фазата на планирање да се обезбедат стручен надзор и компетентно управување со државните капацитети. Во фокусот се потрошувачката на електрична енергија и вода, инфраструктурните потреби и влијанието врз локалната средина. Паралелно, Владата најавува разговори со повеќе потенцијални инвеститори и изградба на национален дата-центар
Дебатата за изградбата на дата-центри во Македонија од техничко прашање за кратко време прерасна во сериозна јавна и политичка тема. Додека Владата испраќа порака дека земјата мора да го фати чекорот со технолошкиот развој и да стане регионален центар за оваа индустрија, дел од јавноста и локалните заедници отвораат прашања за потрошувачката на електрична енергија и вода, влијанието врз природата, потребната инфраструктура и транспарентноста на инвестициите.
Во Македонија, во моментов постојат седум објавени комерцијални дата-центри – шест во Скопје и еден во Деве Баир. Меѓу нив е „Interspace DC MK-SK-1 со капацитет од пет мегавати, наменет за сместување сервери, облачни услуги, мрежна инфраструктура и критични деловни системи. „Неотел/Неоком“ располага со центар со две напојувања од по 112 киловати, додека останатите објавени центри се на „Скопје Ексчејнџ телирум“, DTS, „Акктон“, „Нет.бит“ и „Интерспејс“ во Деве Баир.
Покрај комерцијалните капацитети, постојат и повеќе некомерцијални дата-центри што ги користат банки, телекомуникациски компании и државни институции за сопствени потреби. Македонски Телеком има најмалку три физички локации за дата-центри, свои капацитети има и А1 Македонија, а Царинската управа има центар за обновување на податоци во Прилеп. Планиран е и национален државен дата-центар, но неговата локација и финансискиот модел сè уште се обезбедуваат, па физичката изградба не може да се смета за постоечки оперативен капацитет.
Постојните дата-центри не предизвикуваат поголеми реакции, додека најавите за нови, големи капацитети отворија сериозна јавна дебата. Еден од аргументите што се појавуваат во јавноста е дека разликата е во големината и инфраструктурните потреби. Постојните центри најчесто се сместени во веќе изградени објекти, електричната енергија ја набавуваат на слободниот пазар и не бараат изградба на нови далноводи со огромен капацитет, трансформаторски постројки или користење природни водотеци за потребите на ладењето.
Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека Владата нема да отстапи од определбата за развој на оваа индустрија. Според него, дигиталната инфраструктура и дата-центрите се дел од неповратниот процес на технолошки развој.
– Како држава, апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен. Се разбира, во согласност со законите, на места каде што има услови и каде што оваа индустрија може да се развива. Апсолутно, и политички, и како професор, и како инженер, стојам зад изградбата на нова индустрија и ќе ја поддржам целосно, а Владата ќе го преземе институционалниот ризик – вели Мицкоски.
Тој ги отфрла критиките поврзани со потрошувачката на електрична енергија и системите за ладење, посочувајќи дека инвеститорите ќе ја набавуваат електричната енергија на слободниот пазар.
– Ова е пазарна демократија и пазарно општество, струјата ќе ја плати оној којшто ќе ја троши, по цена за којашто ќе се договори на слободниот пазар. Што се однесува до ладењето, се пласираат пораки стари по 20 години, а денес има сосема поинакви современи технологии во зависност од намената на тие дата- центри – вели премиерот.
Мицкоски открива дека Владата во моментов разговара со пет до шест потенцијални инвеститори, меѓу кои и една голема мултинационална компанија.
Тој уверува дека разговорите се водат транспарентно и дека државата нема да склучува договори зад затворени врати.
– Ние немаме намера како Влада ништо да правиме под маса. Вие добро знаете дека секоја странска инвестиција или инвестиција која е стратешка ја објавуваме јавно, транспарентно и тука нема никаква дилема – порача Мицкоски.
Според премиерот, Македонија мора да го препознае моментот во кој се наоѓа светската економија, каде што инвестициите во вештачка интелигенција и информатички технологии стануваат еден од главните двигатели на економскиот пораст.
– Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центри, како би изгледал денеска БДП, да речеме, на САД. Зарем „Нвидиа“, „Амазон“, „Спејс икс“, „Опен АИ“, мултинационални глобални компании чии трговски имиња тежат трилиони би постоеле денес ако на каков било начин тие го доведуваат во прашање квалитетот на граѓаните? – вели Мицкоски.
Покрај приватните инвестиции, Владата најавува и развој на сопствена државна инфраструктура. Преку Реформската агенда со Европската Унија, според Мицкоски, планирана е изградба на примарен национален дата-центар, кој ќе биде поврзан со постојниот секундарен центар во Прилеп.
– Ние веќе имаме секундарен дата-центар во Прилепско, т. н. „рековери дата центар“. Преку Реформската агенда со ЕУ ќе изградиме нов примарен национален дата-центар кој преку системот на интероперабилност ќе ги собере сите институции на едно место и ќе обезбеди сајбер заштита. Тој ќе биде поврзан со Прилеп, а како терцијално решение ќе имаме и национален „клауд“ (облак) каде што ќе се чуваат сите институционални податоци – појаснува премиерот.
Професорот Орце Симов, претседател на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, смета дека самото спротивставување на дата-центрите е погрешно поставено. Тој ја споредува нивната важност со развојот на големата инфраструктура во минатото.
– Да бидеш против дата-центар е исто како да си против хидроцентрали пред 100 години – смета Симов.
Според него, дата-центрите денес се основа на современата дигитална економија и голем дел од услугите што граѓаните ги користат секојдневно, не би функционирале без нив.
– Дата-центарот можам да го дефинирам низ различни призми. Една од дефинициите која воопшто не е поврзана со тоа што, всушност, е дата-центар, е дека дата-центарот е мерка за економска развиеност на една земја. Тоа значи колку повеќе дата-центри во една земја, толку повисок развој. На пример, најмногу дата-центри има во САД, 4.767, на второ место е Велика Британија со 569 дата-центри, потоа следуваат Германија со 533, Франција со 393, Кина со 376 и така натаму – вели Симов.
Тој истовремено посочува дека дата-центрите се големи потрошувачи на електрична енергија и создаваат значителни количества топлина, особено капацитетите наменети за вештачка интелигенција. Затоа, според него, прашањето не треба да биде дали да има дата-центри, туку под кои услови тие ќе се градат.
– Објектот да се направи по највисоки еколошки стандарди, дата центарот да се направи на место кое нема да го попречува животот на локалното население, да се направи на место на кое има или дополнително ќе се направат доводи на електрична енергија со доволен капацитет за да не се загрози снабдувањето на постојните потрошувачи – вели Симов.
Според него, дата-центрите би можеле да создадат дополнителна побарувачка за електрична енергија, а со тоа и простор за развој на нови фотоволтаични капацитети и системи за складирање.
Дебатата за тоа каде и под какви услови треба да се градат вакви објекти веќе доби конкретна локална димензија во Пехчево. Советот на Општина Пехчево едногласно ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во градот. Сите девет советници гласаа против – пет од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и коалицијата и еден од Движењето ЗНАМ.
Одлуката следуваше по повеќенеделни реакции во јавноста околу најавениот проект. Како главни забелешки беа посочени недостатокот на информации за инвеститорот, прашањата за потрошувачката на вода и електрична енергија, потенцијалното влијание врз природата, како и оценките дека граѓаните и стручната јавност не биле доволно вклучени во процесот.
Граѓански активисти во изминатиот период активно се спротивставуваа на проектот и бараа постапката да биде запрена. На крајот од расправата, советничките групи ја повторија позицијата дека интересот на граѓаните на Пехчево треба да биде на прво место и дека за евентуални идни инвестиции од ваков карактер се потребни целосни информации, стручни анализи и транспарентна постапка.
Паралелно со приватните инвестиции, се отвора и прашањето како ќе се управува со државните дата-центри. Здружението „Инженери на Македонија“ предлагаат уште во фазата на планирање да се воспостават управни и надзорни структури составени од инженери, електроенергетски експерти, економисти, правници и независни членови од академската и стручната јавност.
Предлогот предвидува Управен одбор од седум члена и Надзорен одбор од пет члена, со најмалку 50 проценти инженери или технички експерти со релевантно работно искуство. Здружението бара и надоместоците за членовите на одборите да бидат јавни и транспарентни. Во предлогот се наведуваат и конкретни месечни надоместоци – 60.000 денари за претседателот на Управниот одбор, 45.000 денари за член на Управниот одбор, 50.000 денари за претседателот на Надзорниот одбор и 40.000 денари за член на Надзорниот одбор.
Од „Инженери на Македонија“ бараат од Владата, академската заедница, инженерските комори и стручната јавност да бидат вклучени уште пред започнувањето на проектите.
(С. Бл.)












