понеделник, август 31, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонија го отвори северниот гасен правец

Македонија го отвори северниот гасен правец

1

Македонија го започна проектот за гасно поврзување со Србија со договорот за проектирање и изградба на интерконекторот. Инвестицијата е вредна 29,4 милиони евра, а македонскиот дел од трасата ќе биде долг околу 23 километри, од Клечовце до границата кај Сопот. Изведувач е кумановската градежна компанија „Рапид Билд“, а пуштањето во употреба е предвидено до крајот на 2028 година.

Новиот интерконектор ќе овозможи двонасочен транспорт на природен гас и ќе го поврзе македонскиот систем со српската мрежа кај Врање. Капацитетот на македонскиот дел ќе достигнува до 160 илјади кубни метри гас на час.

Министерката за енергетика Сања Божиновска оцени дека со проектот земјата  добива уште една можност за диверзификација на снабдувањето.

– Со интерконекторот со Србија отвораме пристап до нови извори на гас, ја зголемуваме сигурноста на снабдувањето и создаваме услови Македонија да има многу посилна улога во регионалниот гасен систем – изјави Божиновска.

Северната врска треба да се надоврзе на интерконекторот со Грција, чија изградба е во тек и се очекува да биде завршен во првата половина на 2027 година. Преку грчкиот систем Македонија треба да добие пристап до јужниот гасен коридор, вклучително и до терминали за течен природен гас и гасот што преку Трансјадранскиот гасовод стигнува до Европа.

Со поврзувањето на двата правци, македонската гасна мрежа би добила поголема регионална поврзаност и можност за двонасочен транспорт. Економскиот ефект, сепак, ќе зависи од искористеноста на капацитетот, интересот на трговците и достапноста на гас.

ИЗДВОЕНИ