четврток, октомври 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА  „Визер“ би можел да стационира авион во Охрид

 „Визер“ би можел да стационира авион во Охрид

73

Охридскиот аеродром би можел да добие свој стациониран авион на „Визер“, што би значело и нови авионски линии од градот. Најавата ја објави порталот EX-YU Aviation, повикувајќи се на изјава на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Според најавата, авионот би бил постојано сместен во Охрид, а со тоа авиокомпанијата би можела поинаку да си ги организира летовите. Тоа, меѓу другото, би отворило простор за нови дестинации, повеќе фреквенции и полетувања во раните утрински часови.

Од „Визер“ засега немаат официјален коментар за можноста за база во Охрид.

Николоски, пак, неодамна изјави дека зголемениот број патници во земјава во голема мера е поврзан со новите линии и со поголемиот капацитет на авиокомпаниите. Тој посочи дека „Визер“ во моментов има седум авиони стационирани во Скопје, а се очекува еден да биде поставен и во Охрид.

Министерот уште во мај најави дека авиокомпанијата ја разгледува опцијата за отворање база на охридскиот аеродром, а нови дестинации се очекуваат и со зимскиот ред на летање.

„Визер“ не е нов играч во Охрид. Авиокомпанијата е присутна на аеродромот повеќе од десет години, односно од јуни 2015 година, кога почна со сезонските летови до Лондон Лутон. Само еден месец подоцна следуваше и целогодишната линија до Базел. Летовите веднаш се почувствуваа во бројките. Во првата година, „Визер“ превезе околу 60.000 патници од охридскиот аеродром, а вкупниот број патници на аеродромот порасна за 54 проценти, достигнувајќи тогаш рекордни 107.916 патници.

ИЗДВОЕНИ