Изборот на британскиот актер Роберт Патинсон за нов Џејмс Бонд предизвика натпревар меѓу луксузните брендови, кои сакаат нивните производи да бидат прикажани покрај најпознатиот таен агент во филмската историја. Повеќе од шест децении откако филмот „Д-р Но“ го претстави агентот 007 пред публиката, Џејмс Бонд останува еден од најпосакуваните ликови за промовирање на луксузни стоки, пренесува Ројтерс.
Производители на часовници, автомобилски компании, модни куќи и производители на алкохолни пијалаци вложуваат милиони за да обезбедат нивните брендови да се поврзат со оваа популарна филмска франшиза.
Ангажирањето на 40-годишниот Патинсон става крај на шпекулациите за тоа кој ќе го наследи Даниел Крег – чија верзија на Бонд загина во филмот „Не е време за умирање“ (No Time to Die) од 2021 година. Крег носеше часовници од брендот „Омега“ (Omega), возеше автомобили „Астон Мартин“ (Aston Martin) и носеше костуми од Том Форд.
Експертите за брендирање сметаат дека новиот филм, кој моментално е во фаза на развој од страна на „Амазон МГМ Студиос“ (Amazon MGM Studios) и режисерот Дени Вилнев, нуди можност за преобликување на долгогодишните комерцијални партнерства на една од најкултните филмски франшизи во светот.
Особено голем интерес привлекува пазарот на луксузни часовници. Во септември, Патинсон стана глобален амбасадор на швајцарскиот производител на часовници „Жеже-Лекултр“ (Jaeger-LeCoultre), кој е дел од групацијата „Ришмон“ (Richemont).
Од друга страна, „Омега“ е официјален партнер на франшизата за Џејмс Бонд уште од 1995 година, кога Пирс Броснан носеше еден од нивните часовници во филмот „Златно око“ (GoldenEye). Според Ана Бискин, коосновач на „СМГ Ентертејнмент“ (SMG Entertainment), изборот на часовник би можел да биде најголемиот предизвик при склучувањето на нови маркетинг договори.












