Евролигашите им даваат милионски суми на кошаркарите како нивни месечни примања, но платите се далеку помали во однос на оние што ги земаат играчите од НБА-лигата.
Панатинаикос е клубот со најголем буџет за играчи во Евролигата за сезоната 2025/26, пишува „Баскет њуз“. Ова го покажуваат финансиските процени од специјализирани кошаркарски аналитичари, кои нудат еден од најдеталните увиди во рамнотежата на моќта кога станува збор за трошењето на европските гиганти.
Актуелниот шампион на Евролигата, дополнително го засили тимот со доаѓањето на Најџел Хејс-Дејвис, па се проценува дека платата на играчите во атинскиот клуб е помеѓу 26,5 и 27 милиони евра нето.
Грчкиот гигант значително инвестира во последните години за да го задржи костурот на тимот што ја освои титулата во 2024 година, но и да донесе нови големи имиња со цел повторно да го нападне европскиот трон, особено затоа што Фајнал-форот ќе се игра повторно во „ОАКА Арената“ , првпат по 19 години.
Олимпијакос е на второто место со проценет буџет за играчи помеѓу 22 и 22,5 милиони евра, вклучувајќи ги и засилувањата во текот на сезоната.
Големо изненадување се Хапоел Тел Авив и Дубаи, двата дебитанти во сезоната 2025/26, кои веќе се меѓу клубовите со најголеми трошоци. Хапоел има буџет од околу 20 милиони евра, додека Реал Мадрид, Ефес и Дубаи трошат околу 18,5 милиони евра за плати на играчите.
Вкупната финансиска рамка честопати изгледа различно поради даночните системи. На пример, вкупниот буџет на Реал Мадрид надминува 40 милиони евра токму поради високиот даночен товар во Шпанија. Слична е ситуацијата и со Баерн Минхен, чиј вкупен буџет достигнува околу 48 милиони евра, но реалните издвојувања за плати на играчите изнесуваат помеѓу девет и 9,5 милиони евра, што ги става меѓу финансиски поскромните тимови во Евролигата.
Белградска Црвена звезда, интересно, е на исто ниво со седмопласираниот Фенербахче со помеѓу 16 и 16,5 милиони евра за плати на играчите (нето), според анкетата на „Баскет њуз“.
На дното е Асвел, кој има најмал буџет за играчи – околу 4,5 милиони евра. Францускиот клуб дури беше казнет и за тоа што не го достигна минималниот праг за плата што го бара Евролигата, кој изнесува 5,85 милиони евра нето.
Податоците покажуваат и јасна финансиска поделба во рамките на натпреварувањето. Првите дванаесет клуба имаат значително поголеми буџети од остатокот од лигата. Монако и Олимпија Милано, кои се на средината од листата, трошат повеќе од 13,5 милиони евра за играчи, додека следниот најголем трошач, Валенсија, има буџет помал од 10 милиони.
Сепак, поголемото трошење не гарантира автоматски подобри резултати. Валенсија и Жалгирис успеваат да останат во плејофот и покрај значително помалите буџети, а шпанскиот клуб беше дури и меѓу првите три тима на табелата во еден момент.
Истражувањето се базира на официјалните финансиски извештаи на клубовите, достапните податоци од лигата и бројни извори од сите 20 тима од Евролигата. Поради ограничената транспарентност на Евролигата, можни се некои отстапувања, но процените претставуваат најреален преглед на финансиската сила на клубовите во тековната сезона.











