недела, јуни 28, 2026
Дома СВЕТ Швајцарија ќе воведе електронски надзор на сторителите на семејно насилство

Швајцарија ќе воведе електронски надзор на сторителите на семејно насилство

67
pexels

Швајцарија планира да ја засили борбата против семејното насилство со воведување електронски надзор на сторителите во реално време, со пилот-проект што треба да започне во втората половина на 2026 година во кантонот Во.

Новиот систем предвидува 24-часовно следење на лицата на кои им е наредено од судовите да се држат подалеку од жртвите или одредени области.

Претседателот на здружението за електронски надзор на кантонот, Василис Венизелос, рече дека целта е да се формира централна единица која континуирано ќе ја проверува усогласеноста со мерките за заштита.

Доколку сторителот влезе во ограничена зона, системот автоматски ќе испрати предупредување, по што операторите ќе го контактираат лицето и ќе му наредат да си замине. Венизелос додаде дека доколку наредбата не се исполни, ќе интервенира полицијата.

Според него, постојниот систем подоцна треба да еволуира во таканаречен „динамичен надзор“, во кој жртвите доброволно би носеле и уреди за геолокација, со цел во секое време да го следат растојанието меѓу нив и сторителите.

Венизелос нагласи дека носењето на уредот за жртвите нема да биде задолжително и дека системот ќе биде дел од поширока стратегија за борба против семејното насилство, што вклучува превенција, едукација и поддршка за жртвите.

„Овој уред овозможува следење во реално време на движењата на сторителите и жртвите и нивно истовремено следење. Не станува збор за наметнување на овој тип уред на жртвата… Целта е исто така да се надминат кантонските граници и да се обезбеди континуирана заштита низ цела Швајцарија“, нагласи тој.

Кантонот Во ќе претстави пилот-проект со шест до дванаесет електронски нараквици во втората половина на 2026 година. Тест-фазата ќе овозможи евалуација на активниот и динамичниот надзор.

„Целта е алатката да се имплементира низ цела Швајцарија во 2027 година“, рече Венизелос, додавајќи дека проектот ќе бара посебна обука за полицајците и воведување на хармонизирани протоколи за интервенција.

Според владини проценки, директните трошоци од семејно насилство во Швајцарија изнесуваат речиси 300 милиони швајцарски франци годишно (околу 320 милиони евра), додека полицијата само во кантонот Во интервенира три до пет пати на ден во случаи на семејно насилство.

ИЗДВОЕНИ