Ергин Атаман е на пат да го напушти Панатинаикос по шокантната елиминација во четврт-финалето на Евролигата. Па како и секогаш, кога нешто не оди, тука е Жељко Обрадовиќ.

Сè почесто се зборува дека токму српскиот стручњак е прв кандидат да го наследи Турчинот. Самиот Атаман изјави дека ќе ја напушти клупата на атинскиот гигант доколку не се квалификува за фајнал форот или не го освои грчкото првенство, па затоа разделбата станува сè поизвесна.

Најодликуваниот европски тренер е без работа откако, во ноември, се раздели со Партизан и остана цврст во својата одлука да не тренира ниту еден друг клуб до крајот на сезоната. Дали е време да се вратат најголемите успеси?

Обрадовиќ освои пет титули во Евролигата со тимот на Панатинаикос, а беше особено близок со поранешниот сопственик на атинскиот клуб, покојниот Павлос Јанакопулос. Двајцата беа одлични пријатели, додека прашање е како би се вклопил искусниот стручњак со контроверзниот Димитис, со кого веќе имаше несогласувања во минатото.

Жељко помина 13 години на клупата на Панатинаикос и, покрај петте титули во Евролигата, освои 11 грчки шампионати и 7 грчки купа.

Освен него, се споменуваат и Шарунас Јасикевичиус (речиси неверојатно бидејќи потпиша долгорочен договор со Фенербахче), Димитрис Итудис, кој имаше многу турбуленции во Хапоел оваа сезона, а срамежливо се споменува и името на Јанис Сферопулос, кој е без работа откако беше отпуштен од Црвена звезда.

Освен Панатинаикос, Обрадовиќ наводно бил во плановите на грчки ПАОК, Арис и на Хапоел Ерусалим. Тој само еднаш се огласи јавно, зборувајќи за продолжување на тренерската кариера.

– Веќе нагласив дека не планирам да бидам во кошарката до јуни. Дотогаш, ќе се занимавам исклучиво со мојот приватен живот – кратко изјави Обрадовиќ на еден настан во Грција.

Инаку, Обрадовиќ најдобро знае како да издигне тим на едно повисоко, врвно ниво, а најдобар доказ за тоа е тимот на Партизан, кој доби бројни ѕвезди со неговото доаѓање.

 

ИЗДВОЕНИ