Македонскиот ракометен шампион, Вардар, во трилер-завршница го претрпи вториот пораз во Лигата на шампионите. Загуби минимално од францускиот Нант, со 33:32, пред своите навивачи.

Избраниците на тренерот Иван Чупиќ одиграа одличен натпревар, се бореа од првата до последната минута, но на крајот може да се каже дека среќата им го сврте грбот. На почетокот од последната минута, средниот бек Јака Малус излезе сам со голманот, меѓутоа не успеа да го матира за предност на Вардар, по што пристигна казната од Нант преку пенал. Малус, во последните петнаесет секунди од мечот, имаше уште една голема шанса за реми, но повторно голманот на Нант не дозволи да се затресе неговата мрежа.

– Почнавме добро, а потоа Нант стигна до предност од четири или пет гола. Не знам како, но тој направи неколку грешки, а ние имавме среќа што заостанувавме на полувремето само еден гол. Второто полувреме беше неверојатно за двете екипи. Имаше многу луди работи во нападот и многу луди моменти за голманите. Во текот на целото второ полувреме се играше гол за гол – изјави тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.

Тренерот на Вардар порача дека неговиот тим мора да извлече поуки од ваквите натпревари и да продолжи да работи за да биде подобар во продолжението од сезоната.

– Ние треба да учиме од ваквите натпревари, да работиме понапорно и подобро и да се обидеме да напредуваме до следниот домашен натпревар против Висча Плок – додаде Чупиќ.

Абделхак со десет гола и Малус со шест беа најпрецизни за Вардар 1961, додека за победничкиот тим неверојатен беше Леополд со тринаесет гола.

Македонскиот шампион го игра следниот натпревар во Лигата на шампионите против Висла Плок, на домашен терен, на 8 октомври.

Н: Веспрем го „прегази“ Фуксе Берлин

Ракометарите на ПСЖ ја запишаа првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите откако славеа на домашен терен, над хрватскиот шампион Загреб, со 34:30. Во таборот на парижани блесна Омар Јахиа со десет гола, а фантастичен беше и Пранди со два помалку. За хрватскиот шампион прв во листата на стрелците беше Бијалијауски со шест погодоци.

Фуксе Берлин доживеа тежок пораз од Веспрем, пред својата публика. Бундеслигашот беше целосно немоќен против разиграниот унгарски гигант и на крајот загуби со убедливи 29:35. До убедлив триумф стигна и Келце, кое славеше со 29:36 на гостувањето кај Колштад. Полјаците одиграа одличен натпревар и во текот на целиот дуел го контролираа резултатот, за на крајот да стигнат до победа од седум гола разлика.

Тимот на ГОГ, на домашен терен, беше подобар од ПИК Сегед со 36:34, додека Спортинг си замина со целиот плен од гостувањето кај Кеистијанштад, совладувајќи го со 37:29.

ИЗДВОЕНИ