Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски е претставен како нов играч на Наполи баскет, со што продолжува неговата италијанска авантура.
Тој има одлична сезона зад себе, во дресот на Тренто, која беше негова прва по враќањето од САД. Со своите настапи го привлече вниманието на повеќе клубови, но на крајот реши да остане во Италија и да се пресели во амбициозниот тим од Неапол.
Наполи е предводен од искусниот тренер Јасмин Репеша, кој бил една од причините поради кои македонскиот репрезентативец ја прифатил понудата.
- Немав никакви сомнежи околу изборот на овој проект. Го познавам Неапол и знам дека е многу страстен кошаркарски град, со една од најдобрите навивачки бази во Италија – изјави Јакимовски.
Тој верува дека Наполи има квалитет да се бори на повеќе фронта и да остави трага и во домашното првенство и во Еврокупот.
- Имаме талентиран состав, со многу одлични играчи. Можеме да оставиме свој белег и во италијанската лига и во Еврокупот. Тренерот Репеша беше една од причините поради кои ја прифатив понудата – порача Јакимовски.











