Кевин Пантер повторно се наврати на една од најконтроверзните епизоди во поновата историја на Евролигата – големата тепачка на натпреварот меѓу Реал Мадрид и Партизан во плејофот во сезоната 2022/23.
Тогаш белградскиот тим предводен од Жељко Обрадовиќ имаше огромна предност во серијата, откако ги доби првите два натпревари во Мадрид, но по инцидентот и суспензиите, ситуацијата целосно се промени. Партизан, на крајот, не успеа да се пласира на Фајнал-фор турнирот.
Пантер, кој тогаш беше капитен на „црно-белите“, во поткастот „Еуро инсајдерс“, доби прашање дали неговиот тим ќе станел европски шампион доколку немаше инцидент.
- Според мене, мислам дека ќе станеше. Сто отсто, категорично изјави американскиот кошаркар.
Тој призна дека многупати размислувал за тоа што можело да се случи доколку работите се одвивале поинаку, но нагласи дека не чувствува каење за она што се случило во Мадрид.
- Не се каам. Понекогаш се прашувам што ќе се случеше ако работите се одвиваа поинаку. Размислував за многу различни сценарија, откри Пантер.











