Помина повеќе од една деценија откако светот не слушна ништо ново за состојбата на Михаел Шумајхер, а семејството на легендарниот возач во Ф1 оттогаш живее во строга изолација, чувајќи ја приватноста како света.

Сепак, тишината конечно е прекината. Џина Шумахер (29), ќерката на Михаел и светска шампионка во коњички спорт, одлучи да го отвори своето срце во нов документарец и да открие што ѝ помогнало да ги преживее најтешките моменти од нејзиниот живот.

Во документарецот насловен „Коњска моќ – Светот на Џина Шумахер“, чија премиера ќе биде на 17 април на „ЗДФ“, Џина евоцира спомени од периодот по трагичната несреќа на нејзиниот татко во 2013 година.

  • По несреќата на мојот татко, морав целосно да се посветам на нешто, морав да направам нешто за да преживеам. Коњите отсекогаш ми беа важни, но од тој момент… едноставно, не можев без нив. Тие ми помогнаа да издржам низ сè – призна Џина, која денес е една од најуспешните натпреварувачки во јавање.

Документарецот, исто така, носи трогателни спомени за сопругата на Михаел, Корина Шумахер. Таа се присети на разговор со својот сопруг кога Џина имала само десет години. Михаел веќе го препознал шампионскиот ген кај својата ќерка во тоа време.

  • Михаел еднаш ми рече: „Џина ќе биде многу подобра од тебе“. Кога го прашав зошто, ми објасни: „Затоа што е посебична“. Рече дека како спортист мора да бидеш себичен на некој начин, за да постигнеш големи работи. Сега гледам колку бил во право, рече Корина.

Иако документарецот дава увид во животот на семејството, сè уште нема официјални информации за моменталното здравје на Михаел. Џина се омажи за Џаин Бетке пред две години, а шпекулациите дека легендарниот возач присуствувал на свадбата подоцна беа демантирани.

Семејството Шумахер ја продолжува својата борба далеку од очите на јавноста, додека Џина пишува нови страници од семејната историја со своите успеси на хиподромот — токму како што предвидел нејзиниот татко, со волја и бескомпромисна работа.

 

ИЗДВОЕНИ