Цените на дизелот во Европа го достигнаа највисокото ниво од 2022 година, а фјучерсите за дизел се искачија на повеќе од 200 долари за барел, или 1.498 долари за тон, со дневен скок од речиси десет проценти на Лондонската берза.
Како што објаснува Блумберг, скоковите на цените се должат на прекините во снабдувањето предизвикани од војната во Иран и затворањето на Хормускиот Проток, а од почетокот на војната на 28 февруари, цените речиси се дуплираа.
Затворањето на Хормускиот Проток го наруши транспортот на милиони барели рафинирани производи, вклучително и дизел, додека цените на суровата нафта во Лондон се зголемија за околу 50 проценти. Некои рафинерии го намалија производството, а трговците ширум светот се обидуваат да обезбедат алтернативни залихи, честопати пренасочувајќи ги товарите кон рути подолги од 19.000 километри.
Дизелот, клучно гориво за транспорт и индустрија, игра централна улога во глобалната економија, а зголемувањето на цените го зголемува ризикот од инфлација.
Европа, која произведува помалку дизел отколку што троши, се потпира на увоз, а аналитичарите предупредуваат дека регионот би можел да се соочи со недостиг во наредните недели доколку ситуацијата не се стабилизира.
Цените растат и во други делови од светот – во Соединетите Американски Држави, дизелот надмина четири долари за галон, додека во Азија привремено ја надмина границата од 200 долари за барел.
Глобалните пазари беа дополнително потресени откако американскиот претседател Доналд Трамп најави продолжување на воената кампања против Иран, што ја зголеми неизвесноста во енергетскиот сектор.












