Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, на продолжение од судењето за пожарот во „Пулс“ сведочеше дека имало во дискотеката противпожарни апарати, ознаки за излез и панични светла. Таа рече дека се вклучиле паничните светла и при претходен прекин на електричната енергија. Според неа, настаните во клубот понекогаш биле проследени со пиротехнички средства, со кои раководело лице чиј идентитет не го знае. Јованова нагласи дека не била вклучена во работењето на дискотеката, за кое бил задолжен нејзиниот татко, и дека не била присутна кобната вечер. При вкрстеното испрашување, потврди дека гостите ја користеле задната врата за излегување и за пушење цигари, но дека никогаш не видела обезбедување таму.
Пред Судот сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој работел во објектот во 2012 и во 2024 година. Тој изјави дека бил ангажиран усно од Јованов, без писмен договор, а неговата работа се состоела од обложување на металните конструкции со дрво, иверица и фурнир. Посочи дека кога почнал со работа во 2012 година, најголемиот дел од конструкцијата веќе бил завршен и дека не биле правени промени на покривот.
Одбраната на Јованов за следното рочиште предложи седуммина сведоци, меѓу кои вработена во „Пулс“, пиротехничарот Костадин Поп Христов и соработник на групата ДНК. Судењето продолжува со сослушување на предложените сведоци.












