среда, јули 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ќе се извалка ли образот на експотпретседателот на СДСМ со чистењето од...

Ќе се извалка ли образот на експотпретседателот на СДСМ со чистењето од 300 илјади евра?

Обвинителството бара притвор за Стефан Богоев и за уште тројца

1867

Поранешниот градоначалник на Карпош и директор на Царина во времетраење од една година се сомничи за злоупотреби при ангажирање на фирма за чистење на граничните премини, соопштија од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Заедно со него се опфатени и уште тројца други, а постапувано е по кривична пријава на Финансиската полиција.

–Обвинителот донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание, стои во информацијата на обвинителството.

За една година, истрагата открива дека фирмата стекнала корист од над 300 илјади евра.

–Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година, осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата, му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари, велат од ОЈОГООК

Според истражните наоди, првоосомничениот, С. Б., како директор на Царинската управа, го искористил службеното влијание за тендерот да заврши во корист на конкретен понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други компании да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Според финасова, за местење на тендерот, примил мито од 1800 евра.

– Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконско влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание. Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, соопштуваат од ОЈОГООК.

Богоев во минатото беше потпретседател на СДСМ, пратеник во Собранието и градоначалник на Општина Карпош во периодот од 2017 до 2021 година. На чело на Царинската управа беше именуван во јуни 2023 година, а функцијата ја извршуваше до јули 2024 година.

Од СДСМ оценија дека случајот против Стефан Богоев се отвора во момент кога Владата се соочува со критики од Европската Унија за застојот во евроинтеграциите и недостатокот на реформи. Според партијата, постојат сериозни сомнежи за политичко влијание врз правосудните институции и обид за дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми

„Наместо институции што работат независно, гледаме јавни најави на истраги и апсења од страна на премиерот Мицкоски, што ги потврдува сериозните сомнежи за целосно политичко влијание врз правосудниот систем“, велат од СДСМ.

На новинарско прашање за приведувањето на Богоев, премиерот Христијан Мицкоски рече дека знае за кривичната пријава и повика да се почитува презумпцијата на невиност.

–„Се работи за лице кое било поранешен градоначалник на општина и поранешен директор на јавна институција, во овој случај, на Царинската управа. Се работи за неколку вработени во рамките на оваа институција и за лице кое, како да се изразам, не знам, немам соодветни квалификации, но беше многу близок до претходната влада и беше лице кое често ги олеснуваше овие, условно кажано, дејства кои се исполнети со многу незаконитости. Или, едноставно кажано, посредник. Значи, од информациите што ги имам, ова ќе се прошири и од информациите што ги имам, неколку институции, во наредниот период, ќе се соочат со слични дејства поврзани со минати неправилности, кои се вклучени во ревизорските извештаи кои покажуваат индиции за злоупотреба на службена должност и овластувања. Значи, сето ова е во фаза на истрага. Верувам во презумпцијата на невиност. Секој има можност и право да ја докаже својата невиност, па затоа не би навлегувал во понатамошни коментари од страв дека „можам материјално да го оштетам процесот“, изјави Мицкоски.

До затворање на весникот, Богоев и останатите тројца осомничени беа пред судија на предистражна постапка, кој одлучува по барањето за притвор. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ