Со поставување камен-темелник во Горно Лисиче, започна реализацијата на проектот за доградба и модернизација на ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром, инвестиција вредна над 73 милиони денари, која треба значително да ги подобри условите за настава.

Проектот предвидува изградба на ново источно крило од околу 600 квадратни метри на приземје и кат, со шест нови училници и со две канцеларии, како и целосно уредување на дворот со нови пешачки патеки, плато за игра со урбана опрема и проширен паркинг-простор. Рокот за реализација е девет месеци.

На свеченото поставување на камен-темелникот присуствуваа градоначалникот на Општина Аеродром – Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука – Весна Јаневска, кои порачаа дека вложувањата во образованието остануваат еден од приоритетите.

Премиерот Мицкоски истакна дека станува збор за уште еден во низата образовни проекти што, како што рече, се резултат на заедничката работа на институциите.

– Уште еден ден, уште еден нов проект, уште една нова доградба на училиште. Тоа е практично нашата инспирација овие речиси две години откако сме избрани како Влада: што повеќе проекти, што повеќе додадена вредност во квалитетот на живот на граѓаните. Така и ќе продолжиме – рече Мицкоски.

Тој додаде дека реализацијата на ваквите проекти е резултат на заедничка поддршка и координација меѓу локалната и централната власт, пратениците и институциите.

– Сите заедно придонесуваме да се реализираат овие проекти за да добијат децата подобри услови за образование. Тие се нашата иднина – истакна премиерот.

Со овој проект, како што беше нагласено, се очекуваат значително проширување на капацитетите на училиштето и создавање современи услови за настава, во согласност со потребите на зголемениот број ученици во овој дел од Општината.

 

ИЗДВОЕНИ