сабота, јуни 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Притворениот член на обезбедувањето што ја нападнал сопругата е доказ дека функционира...

Мицкоски: Притворениот член на обезбедувањето што ја нападнал сопругата е доказ дека функционира системот

47

Случајот со членот на обезбедувањето, кој заврши во притвор по напад врз сопругата, е доказ дека, за разлика од минатото, сега законот важи за сите, изјави премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека не толерира недисциплина во безбедносните структури.

„Тоа е доказ дека законот функционира. Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување, каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедувањето на претседателот тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. Во овој случај гледате мал престап и системот веднаш функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме така и во иднина. Не толерирам недисциплина. Сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава по итна постапка против Р. Р. (39), полициски службеник во ОЗОЛО-ЕОПРСМ при МВР, поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 од Кривичниот законик. Според МВР, на 2 мај 2026 година тој физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга. Осомничениот е лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор во траење од осум дена. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ќе поднесе и предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, како и задолжителни мерки за негово отстранување од работното место.

ИЗДВОЕНИ