На денешната, трета работилница, беше презентирана нацрт-верзијата од физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер, изработена од домашни и странски експерти од Франција, Андора и Словенија. Според експертите, проектот има потенцијал да го трансформира Пелистер во четирисезонски туристички центар од национално и регионално значење, со силен фокус на одржлив развој и заштита на животната средина. Анализите покажуваат дека инвестицијата, проценета на околу 58 милиони евра, може да се врати во релативно краток период, додека реализацијата се очекува да придонесе за заживување на туризмот и на економскиот развој на регионот
На третата работилница за изработка на физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер беше презентирана нацрт-верзијата од деталната анализа, изработена од домашни и странски експерти од Франција, Андора и Словенија.
Проектот предвидува Пелистер да прерасне во четирисезонски туристички центар, со современа инфраструктура, која ќе овозможи поголема достапност и развој на планината како туристичка дестинација од национално и регионално значење.
– Пелистер да биде четирисезонски туристички центар, не само од регионално, туку и од национално значење. Условите се одлични, треба да се направи туристичка инфраструктура која ќе им овозможи на сите луѓе пристап до Пелистер – изјави експертот од Словенија, Франц Фурлани.
Според презентираните анализи, инвестицијата во изградба на гондолата се проценува на околу 58 милиони евра, а експертите сметаат дека вложените средства би можеле да се вратат во релативно краток период. Почетната траса е планирана од Цапари до Ловечка куќа, додека втората делница би водела од Ловечка куќа до Антена, со две гондоли со различен капацитет.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека овој проект претставува значаен чекор за развој на регионот и за националниот парк Пелистер.
– Овој проект не е само локален или регионален, туку треба да биде од национално значење и ќе придонесе за развојот на првиот национален парк во Македонија – рече Коњановски, додавајќи дека паралелно мора да се води грижа за заштита на животната средина и на биодиверзитетот.
Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, нагласи дека експертскиот тим цело време работел во координација со институцијата, при што финалниот документ е усогласен со современите европски стандарди за активен и екотуризам. Тој појасни дека туристичките развојни зони се предвидени надвор од заштитеното подрачје, додека внатре во паркот, ќе се реализираат строго контролирани активности со туристичка намена.
Експертите посочија дека подготовката на целосната планска документација ќе трае неколку години, додека реализацијата на терен би можела да се одвива во пократки рокови, зависно од динамиката на инвестицијата и процедурите.












