сабота, февруари 7, 2026
Дома МАГАЗИН Ќе пее ли пак во Македонија? Ерос Рамацоти на планетарна турнеја со...

Ќе пее ли пак во Македонија? Ерос Рамацоти на планетарна турнеја со новиот албум „Battito Infinito“

762

Светската, а и италијанска музичка ѕвезда, Ерос Рамацоти, тргнува на планетарна музичка турнеја, во чии рамки ќе пее во најмалку 30 земји, не сметајќи ја родната Италија. Речиси на сите континенти – од Европа, Северна и Јужна Америка, сè до Австралија. Од најблиското наше соседство, Рамацоти ќе настапи во Хрватска, во „Арената“ во Загреб, и тоа на 28 април наредната 2026 година.

Секако, на концертите ќе го пее во живо и својот, најверојатно, најголем хит – „Una Storia Importante“, песна што премиерно ја испеа на славниот фестивал „Санремо“ во 1985 година. Меѓутоа, почесно место ќе има неговата нова песна – „Aма“, која е дел од неговиот нов тиражен албум „Battito Infinito“.

Да се потсетиме, поранешната турнеја на Ерос се одржа пред неколку години, а ја опфати и Македонија,  со успешниот мегаконцерт во арената „Борис Трајковски“, кога имаше негови обожаватели не само откај нас туку организирано дојдоа и од јужна Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна, па дури и од Словенија, Австрија, Турција, Кипар, Израел и од Малта. Тогаш тешко можеше да се најде слободна соба за ноќевање во скопските хотели. Дали ќе биде така и овој пат, да пее во градот на Вардар, кој му остави силен впечаток, особено со вкусната храна?

Сегашната турнеја на сè уште популарниот и згоден Рамацоти е насловена „Важна приказна“. Низ песните се зборува за длабоката врска меѓу Ерос и неговата верна публика, за трајната врска што опфаќа време, граници и генерации. Покрај концертите во рамките на турнејата, во родниот Рим, Удине, Милано, Неапол, Месина и во Бари, најавен е и специјален настап во живо, на стадионот „Алијанц“ во Торино.  На тој начин, тој ќе стане првиот пејач што настапил во домот на фудбалскиот клуб „Јувентус“.  (фото:архива-Инстаграм)

 

ИЗДВОЕНИ