Системот на плати во јавниот сектор сè уште се карактеризира со различни правила, процедури и практики меѓу институциите. Тоа создава нееднаквости и ја отежнува примената на јасните и единствени стандарди за вреднување на работата. Затоа воспоставувањето поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати е една од важните реформи на кои посветено работи Министерството за јавна администрација, рече министерот Горан Минчев.
Во насока на оваа реформа, вчера почна петдневна TAIEX експертска мисија посветена на воспоставувањето единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор, соопшти Министерството.
Мисијата ја отворија министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и вршителката на должноста амбасадор на Грција, Христина Василату. Експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот единствен систем на исплата, модел што овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
– Нашата цел е јасна: да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да биде реално применлив во целиот јавен сектор – порача министерот Минчев.
Министерството работи на новата законска рамка за системот на плати. Се очекува законското решение да биде готово до крајот на 2026 година, а неговото постепено и систематско спроведување да почне во 2027 година.
Минчев вели дека ние не сакаме да копираме туѓ модел.
– Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови, да изградиме решение што ќе биде функционално и применливо – рече тој.
Според него, целта е да се создаде систем што нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за носење јавни политики.
За Министерството за јавна администрација, ова е конкретен чекор во реформата за градење поефикасен и поправеден систем на плати, систем во кој правилата се јасни, одговорноста е прецизно утврдена, а јавните средства се управуваат поефикасно и потранспарентно.












